EК ја повика Романија да го ревидира контроверзниот закон


       
Букурешт, 13 август, 2018 - 11:21 (META) 

Европската комесарка за правда, потрошувачи и полова еднаквост Вера Јoурова, во интервју за германскиот весник „Ди Велт“ ги повика романските власти да го ревидираат предлог-законот кој предизвика масовни протести против корупцијата во земјата.

Протестите продолжија мирно вчера, со околу 15.000 демонстранти на плоштадот „Викториеи“ во Букурешт. Протестите почнаа во петокот, кога ескалираа, и  при судирите на полицијата со дел од демонстрантите, беа употребени и водени топови и солзавец. Во судирите беа повредени 445 лица, од кои 30 полицајци.

На протестот во петокот дојдоа многу Романци иселени во Европа. Тој почна утрото, а се беше мирно до попладнето, кога почнаа првите судири, кои потоа ескалираа околу 21 часот.

Се протестира против власта, како и против судската реформа за која противниците велат дека е направена само за да ги заштити интересите на политичката елита, бидејќи, меѓу другото, ги декриминализира нарушувањата на законот од страна на политичарите.