ЕК: Има напредок во слободата на изразување, намален е притисокот врз новинарите


       
Скопје, 18 април, 2018 - 14:16 (META) 

Климата за слободата на медиумите и слободата на изразување е подобрена, со поотворена политичка дебата и покритичко известување во медиумите. Забележан е пад во притисокот врз новинарите. Известувањето од изборните кампањи и поизбалансирано од порано. Владиното рекламирање е прекинато. Клучно е власта да практикува нулта толеранција кон сите инциденти на физички и вербални напади или закани врз новинарите, се вели во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, кој беше објавен вчера.

Според делот за слободата на говорот, Македонија е на одредено ниво на подготвеност во областа на слободата на изразувањето и постигнала значителен напредок од средината на 2017 година.

„Законодавната рамка во голем дел е усогласена и со acquis и со меѓународните стандарди. Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се подготвени во консултации со релевантните заинтересирани страни. Постои подобрена клима за медиумите и новинарите се поподготвени да ги критикуваат злоупотребите на јавните личности и цензурата. Сепак, опстануваат предизвици и мора да се спроведува нулта толеранција за физичкото и вербалното малтретирање или заканите кон новинарите. Јавниот радиодифузен сервис треба да се реформи и да се зајакне неговата независност. Земјата делумно ги спроведе препораките од извештајот за 2016 година, пред сè со укинување на владиното рекламирање и намалување на притисокот врз новинарите и медиумите, што овозможи побалансирано известување“, се наведува во извештајот.

Европската Комисија препорачува продолжување на реформите на јавниот радиодифузен сервис и засилување на неговата независност. Се посочува и на преземање мерки за да се поттикне објективното известување и разноликост на гледиштата во медиумите, како и да се охрабрува професионалното однесување од страна на сите медиумски чинители.

Се посочува и на соодветно постапување на органите на редот и на судските власти за случаите на насилство врз новинарите.

Европската Комисија наведува дека Владата направила напори да биде потранспарентна и новинарите сега бесплатно добиваат достап до информации и документи, што е зацртано во Итните реформски приоритети.

Во поглед на заканите кон новинарите, се одбележува дека се јавува пад на притисокот врз новинарите, како резултат на подобрената политичка клима. Се одбележува договорот на власта со Здружението на новинарите од декември минатата година за истрага за случаите на нападнатите новинари. Сепак, како што се наведува во Извештајот за напредокот на Македонија, регистрирањето на напади врз новинари е несоодветно и покренати се многу малку истраги.

„Клучно е властите да спроведуваат нулта толеранција кон сите инциденти на физичко и вербално насилство или закани кон новинарите и тие соодвено да бидат третирани  од страна на полицијата и Јавното обвинителство. Има 21 новопријавен случај на заплашување на новинари и 13 судски процеси во кои се вклучени новинари. Неколку новинари беа меѓу повредените во насилставата во Парламентот на 27 април. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги забележа непрофесинално известување од страна на јавниот радиодифузен сервис и приватна телевизија во врска со овие настани“, вели Европската Комисија.

Во поглед на измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои владата во февруари годинава ги одобри и сега предлог-законот е во Собраниска процедура, се напоменува дека некои вклучени страни го изразиле своето несогласување со некои измени, посебно во поглед на финансирањето од државниот буџет. Законската рамка за говорот на омраза според ЕК е генерално усогласена со меѓународните стандарди, но нивното спроведување треба да биде подобрено. Говорот на омраза онлајн и понатаму е нерегулиран.

За Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) се вели дека својата надгледна улога ја врши поефикасно, вклучувајќи го тука и периодот на изборите. Се напоменува дека ААВМУ почнала процедури за небалансираното известување и прекршување на ограничувањата за платено политичко рекламирање.

Во поглед на известувањето на некои приватни телевизии се вели дека квалитетот напреднал, но сепак во некои медиуми се уште има лошо ниво на професионалните стандарди, со што се нарушува објективноста на информирањето.

„Набљудувањето на Советот за етика во медиумите на Македонија покажува дека е потребна понатамошна работа за подобрување на етичките стандарди. ЕК одбележува дека истражувачкото новинарство е уште во ограничени рамки, како и дека се јавува пад на случаите на навреди и клевета против новинари, со 13 нови случаи во 2017“, стои во Извештајот.

Известувањето на јавниот радиодифузер МРТ било поизбалансирано во последните изборни кампањи споредено со минатото, а се одбележува и дека куќата усвоила Етички кодекс. Сепак, потребни се дополнителни напори и долгорочна стратегија за да се засилат независноста и објективноста во информирањето, како и финансиската одржливост на МРТ.

Во поглед на нејзините финансии, во контекст на финансирањето на буџетот, се вели дека мора постојано да се следи спроведувањето на реформите за да се спречи директно или индиректно политички влијание што би ја поткопало независноста на куќата и би обеззбедило стабилно, предвидливо и достаточно обезбедување средства.

За ААВМУ и другите институции се вели дека немаат капацитети да ги идентификуваат и спречат соработките меѓу медиумските сопственици и политичарите, што пак влијае на уредувачката политика.

Одбележувајќи дека новата влада го сопре владиното рекламирање на комерцијалните медиуми, се вели и дека се намалил бројот на медиуми, со затворањето на МПМ.

Во поглед на професионалните организации, се вели дека нема напредок во заштитата од страна на синдикатот за работните услови на новинарите, поради што, новинарите практикуваат самоцензура и работат со договори на одредено време.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.