ЕИБ финансиски ќе го поддржи регионот за развој на дигиталните технологии


       
Скопје, 19 април, 2018 - 14:22 (META) 

Регионалниот директор од Европската инвестициона банка (ЕИБ), Мигуел Моргадо во дискусијата на панелите на Дигиталниот самит рече дека ЕИБ инвестирала повеќе од 10 милиони евра во нашиот регион во процесот на развој на клучните дигитални технологии во последните години.

– Планот е оваа помош да се зголеми во следниот период со оглед на тоа дека Европската инвестициона банка е финансиска алатка за постигнување на дигиталните цели на Европската унија – додаде Моргадо.

Наталија Гелвановска од Светската банка од Вашингтон, потенцираше дека телекомуникацискиот сектор во принцип е приватен и дека владите мора да помагаат во развојот на технологии исклучиво преку заемно разбирање и договор со нив.

– Комуникацијата меѓу овие два чинители е од клучна важност за да се продолжи со развојот на дигитализацијата, посебно во руралните региони – рече Гелвановска и додаде дека малопродажните цени за широкопојасниот интернет генерално се превисоки и дека без директна регулација, ќе биде тешко да се исполнат целите за комплетен развој на оваа технологија во руралниот сегмент.

Нивес Сандри, како претставник на компанијата „Нокиа”, истакна дека приватните компании и операторите имаат инвестирано многу во развојот на широкопојасниот интернет, но дека мор да се работи заедно со владите за да се изгради соодветна инфраструктура.

Претседателот на Телото на европските регулатори за електронски комуникации (BEREC) Јоханес Гангл, истакна дека ова европско тело работи на хармонизација на законите за телекомуникации на земјите од Западен Балкан, и дека здравата конкуренција е клучна во развојот на дигиталното поврзување во Европа.