Уапсениот 20-годишник, кој се сомничи за кражбата на податоци и разговори на стотици политичари во Германија, која беше откриена, ја признал вината, пишува германски „Шпигл“ на својата веб-страница.

Истражител од канцеларијата на Федералната криминалистичка полиција (БКА), која се занимава со овој, еден од најголемите досега, хакерски напади во историјата на Германија, рекол дека уапсениот рекол оти не бил свесен за сите последици на својата постапка и засега нема потврда дека бил поврзан со странски разузнавачки служби.

Полицијата соопшти само дека е пребаран станот на 20-годишникот не изнесувајќи други податоци.

Во овој случај што беше обелоденет во четвртокот, украдени се лични податоци и записи од разговори на околу 1.000 луѓе, од кои огромен број политичари од сите германски парламентарни партии освен од ултрадесничарската „Алтернатива за Германија“.