fbpx

Двајца грчки новинари уапсени во САД за следење на грчки министер

-

Полицијата во Њујорк уапси двајца грчки новинари кои маскирани го следеле грчкиот министер Никос Папас во Њујорк. Револтирани дека грчката делегација не организирала никаков брифинг за активностите на министерот, кој пристигнал два дена пред премиерот Алексис Ципрас како негова придружба за Генералното собрание на Обединетите Нации, дописниците на телевизиите „Алфа“ и „Стар“ се одлучиле маскирани со перики, капчиња и со очила за сонце да го следат Папас низ градот. Идејата, како што објаснуваат, е да дознаат на што троши пари грчката влада и зошто министерот е два дена во Њујорк без никаква агенда на средби.

Грчката информативна агенција АПЕ јави дека двајцата биле уапсени откако обезбедувањето на грчката делегација забележало дека маскирани лица ги следат и ги фотографираат, но и откако било откриено дека, наводно, во ресторан нарачале и на сметката фалсификувале потпис на член на кабинетот на Ципрас. При апсењето, наводно, тврделе дека се дел од грчката делегација за да не се соочат со проблеми. Полицијата ги ослободила, но се очекува дека ќе бидат обвинети за фалсификување потпис.

Двајцата новинари демантираа дека биле уапсени и тврдат дека полицијата само им ги проверила документите. Дописникот на телевизијата „Алфа“, Танос Димадис, објави фотографија на „Фејсбук“ со „новинарската маска“ и објасни дека се одлучил на овој несекојдневен чекор за да ги истражи активностите на министерот Папас, кој откажал брифинг за новинари и не обезбедил никакви информации за неговата агенда и за патувањето во странство цели два дена пред да пристигне грчкиот премиер.

– Во сабота наутро, Папас требаше да има брифинг за новинарите, но тој не се случи. Два дена министерот без ресор е во Менхетн, а ние, новинарите, немаме никаква информација. Сепак, информацијата за политичките новинари е сè, особено ако земете предвид дека владината делегација е во Њујорк со празна програма. За мене новинарството не е да ми се даде напишана вест или да ја препишам од некого – посочи Димадис на својот фејсбук-профил во одбрана на маскираното следење на Папас.

Министерот Папас остро го осуди инцидентот, коментирајќи дека и двајцата новинари, но и тие што ги натерале на тој чекор имаат огромна одговорност за оваа постапка, која, според него, е мизерна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...