fbpx

Двајца браќа осомничени за пукањето во хирургот во Клинички центар

-

Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава против И.Н. (34) и против неговиот брат А.К.Н. (36) за вчерашниот вооружен инцидент во клиничкиот центар, во кој беше ранет абдоминалниот хирург Љубомир Огненовиќ.

Според МВР, И.Н. се товари за обид за убиство и за недозволено држење оружје или распрскувачки материи, а неговиот брат А.К.Н., според кривичната пријава, е осомничен за соизвршителство, насилство и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.

Како што соопштуваат од МВР, инцидентот се случил околу 9.10 часот во просториите на одделението за дигестивна хирургија, каде претходниот ден била примена мајката на осомничените, поради големи болки во стомакот и врз неа бил извршен оперативен зафат.

Откако вчераутро браќата биле известени од клиниката дека нивната мајка починала, И.Н. го зел пиштолот од дома и тргнал кон Ургентниот центар, а пред влезот се сретнал со својот брат и заедно со него се упатил на одделението за дигестивна хирургија.

„Првопријавениот поминал покрај обезбедувањето и влегол на одделението, а неговиот брат, откако бил запрен на вториот кат од вработен во обезбедувањето, го удрил со тупаници неколкупати, по што продолжил да се движи кон третиот кат“, стои во соопштенето на МВР.

Во меѓувреме, откако И.Н. дознал каде е лекарот кај кој неговата мајка била пациент, го пресретнал во ходникот и побарал да разговараат.

„Во истиот момент, пристигнал и второпријавениот, кој заедно со нив влегол во лекарската соба. Внатре, без никакво предупредување, И.Н. од палтото го извадил пиштолот и истрелал неколку проектили во правец кон оштетениот, кој со три проектили бил погоден во левата нога“, соопштуваат од МВР.

Веднаш потоа, браќата излегле во ходникот и почнале да викаат и да се закануваат на медицискиот персонал дека ќе пукаат и кон нив, а А.К.Н. зел стол и го фрлил, првин во стаклената врата од заедничката просторија за лекарите, а потоа и кон стаклената врата од влезот кон одделението за дигестивна хирургија.

Осомничените, кратко по пукањето, биле лоцирани и приведени во кругот на клиничкиот центар од екипи на единицата „Алфа“ и од полициската станица Центар.

„На местото на настанот, извршен е увид од увидна екипа при СВР Скопје, а во присуство на дежурен јавен обвинител. Од местото на настанот биле подигнати траги и предмети кои се предадени за анализа“, велат од МВР.

Во полициската станица Кисела Вода, браќата го признале инцидентот и начинот на кој го извршиле.

Од МВР, додаваат дека А.К.Н. бил познат сторител на кривични дела и против него претходно биле поднесени кривични пријави за две тешки кражби.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...