Дума во „Титаник 2“: Ибраими ми рече „шефот ме бара“, потоа гласаше како членовите од ВМРО-ДПМНЕ


       
Скопје, 27 август, 2018 - 13:30 (META) 

На судењето за предметот „Титаник 2″, прва сведочеше поранешната членка на Државната изборна комисија, Виолета Дума.

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи ја праша Дума дали се сеќава на седницата на ДИК, за приговорот за гласачкото место 1727 во општина Струмица, за локалните избори 2013 година.

– Дали видовте дека некој за време на седницата да му се јави на Бедредин Ибраими – ја праша Фетаи. Дума потврди дека се сеќава оти на Бедредин му заѕвонил телефонот, бидејќи седела веднаш до него.

– Точно е дека му заѕвони телефонот и господинот Бедредин излезе – рече Дума.

Таа не се сети дали видела на телефонот, или Бедредин ѝ рекол „Шефот ме бара”. Таа рече дека не го разбрала разговорот меѓу Бедредин и соговорникот, зашто говорел на албански јазик.

Дума пред судот рече дека откако Бедредин се вратил во салата, немало дискусија и се преминало на гласање. Како што рече Дума, пред повикот Ибраими рекол дека е на иста линија со неа, дека приговорот на ВМРО-ДПМНЕ е неоснован, но откако разговарал по телефон, гласал како и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, па соодносот на гласови бил 4:3, и ДИК го прифатила приговорот.

– Членовите на ВМРО плус Бедредин гласаа ,,за”, а јас Кондарко и Субхи, гласавме против – рече Дума.

Во овој предмет доказ на СЈО е и бомбата во која Ибраими добива инструкции од лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да гласа ,,за” приговорот на ВМРО-ДПМНЕ

Речиси во исто време кога судијата Огнен Ставрев даде 15 минути пауза, во Кривичниот Суд Скопје 1 снема Струја.
Денешното рочиште доцнеше половина час поради отсуството на адвокатот на обвинетиот Сашо Срцев, Димитар Дангов. По паузата од половина час Дангов дојде во судницата со што продолжи судењето за предметот „Титаник 2“ на СЈО.