ДУИ: Не е време за предвремени избори


       
Тетово, 5 октомври, 2018 - 9:38 (META) 

Во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, туку за изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Преспанскиот договор во Парламентот, заклучи синоќа централното претседателство на ДУИ, информираа од партијата.

– Инцијалната порака од ДУИ до сите политички партии и сите граѓани во Македонија е дека се наоѓаме во историски момент кога е потребно единство и меѓуетничко, но и уште поважно и внатре етничко, како и интраетничко кај заедниците, за да може да се соочиме и успешно да го пребродиме еден од најголемите предизвици со кои се соочува државата. Во моментов ја создаваме новата историја, новото поглавје за државата во кое ќе се гарантираат мирот, стабилноста и економската благостостојба не само кај нас, туку и во регионот – изјави вицепремиерот за европски прашања и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

Претседателството на седницата во Мала Речица оценило дека со евентуални избори ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што, пак, може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ.

ДУИ апелира до останатите политички партии да работат на создавање услови за имплементација на Договорот со Грција.

„ДУИ смета дека потпишаниот и ратификуваниот Договор е меѓународна обврска на државата и во таа насока ги поздравува пораките испратени од меѓународните пријатели, пред се од САД, Европската унија, земјите – членки на Унијата во кои јасно и недвосмислено се повикува Парламентот на Македонија да ја преземе обврската за спроведување и имплементирање на Договорот од Преспа“, стои во соопштението до медиумите од партијата.

Претседателството на ДУИ укажува дека на референдумот излегоа преку 650 илјади граѓани од кои над 90 отсто или 610.000 се изјаснија позитивно, со што јасно се отсликува волјата за влез на земјата во ЕУ и НАТО и за прифаќање на Прсепанскиот договор.