ДУИ апелира на воздржување од провокации и расчистување на смртта на Саздовски


       
Скопје, 11 јули, 2018 - 14:52 (META) 

Демократската унија за интеграција изразуи длабоко сочувство до родителите, фамилијата и блиските на починатиот Никола Саздовски и го осуди чинот на насилство што доведе до негова смрт.

„Загубата на млад и невин живот, особено на насилен начин, каков што беше овој немил настан, претставува чин кој секогаш и од секого заслужува целосна осуда. Насилството претставува чин за кој нема и не треба да има никакво оправдување и во тој контекст изразуваме целосна поддршка на органите за безбедност и спроведување на законот, за целосно расчистување на случајот, и без никаква задршка, изведување на виновниците пред лицето на правдата. Според информациите кои се достапни на целата јавност, учесниците во овој немил настан се навремено идентификувани, и определени се понатамошни мерки во постапката, со што, правно, очекуваме брзо, правично и ефикасно спроведување на правдата“, се вели во соопштението на ДУИ.

Од партијата апелираат на воздржување од провокации, особено на воздржување од пораките на омраза и нетрпеливост, за кои како што велат, претставуваат основа за ваквите насилни и немили настани.