Статус на висока раководна служба да добијат извршните секретари и директори во повеќе државни институции предвидува нацрт-законот за висока раководна служба објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Во новата регулатива, како висока раководна служба се дефинирани раководителите во институциите кои се непосредно одговорни пред политички избраните или именуваните лица и се врската помеѓу политичкото и административното ниво во институцијата.

Извршен секретар се назначува во Генералниот секретаријат на Владата, Државното правобранителство, Секретаријатот за законодавство, Секретаријатот за европски прашања, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Инспекцискиот совет, министерствата, општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.

Извршен директор се назначува во самостојните органи на државната управа и органите во состав на министерствата, како и во јавните претпријатија, јавните здравствени установи и акционерските друштва во целосна државна сопственост.

„Пополнувањето на високите раководни места се врши со објавување на јавен оглас, при што во транспарентна, фер и конкурентна постапка за селекција, ќе се гарантира изборот на најуспешниот кандидат за високото работно место. При подготовката на конечната листа по завршувањето на интервјуто, ако повеќе кандидати имаат ист број на бодови, припадникот на заедницата или полот кој не е соодветно застапен на високите раководни места има предност“, пишува во нацрт-законот.

Високите раководители ја вршат функцијата на која се назначени за период од пет години.

Во законот се предвидува и основање на Комисија за висока раководна служба, која своите работи ќе ги врши во рамки на Собранието. Членовите на комисијата имаат статус на избрани лица и мандат од шест години без право на повторен избор.

Комисијата ќе има задача да формира одбори за селекција на високи раководители, да раководи со постапките за селекција на високи раководители и да посредува помеѓу претпоставените функционери и високите раководители во случаи на спорови околу предвремен престанок на мандатот на високите раководители, нивно разрешување и оценување на нивната работата.