Државата догодина ќе може да се задолжи на домашниот пазар за 88,6 милиони евра


       
Скопје, 28 декември, 2017 - 19:34 (META) 

Владата денеска ја одржа 46. седница на која, меѓу другото, донесе одлука за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2018 година, кој ќе изнесува 5,4 милијарди денари или околу 88,6 милиони евра, соопштија од владината прес-служба.

Издавањето на државните хартии од вредност се врши согласно календарот за планираните емисии на државните хартии од вредност кој го утврдува и објавува Министерството за финансии на почетокот на периодот за кој се однесува, во согласност со Буџетот за 2018 година и врз основа на Законот за јавен долг.

На денешната седница Владата ја разгледала информацијата и ѝ дала одобрување на фирмата „ТХОР Имепекс ДООЕЛ, Скопје“ за изградба на ветерна електрана Богословец. Тоа е првата приватна ветерна електрана во земјава.

Владата на седницата ја усвоила и информацијата дека Друштвото за производство, трговија и услуги „Медикал 420“ од Битола ги исполнило условите за одгледување на коноп (марихуана) за медицински цели.