Македонски железници – Инфраструктура презема превентивни мерки за обезбедување максимална безбедност на патниците што патуваат со воз. По двете железнички несреќи што се случија на почетокот од годинава, вработените од железницата вршат континуирана визуелна контрола на косините долж пругите, при што сомнителните карпи се отстрануваат за да не дојде до сличен инцидент во иднина. Дополнително, на критичните места каде што постои ризик од паѓање карпи е воведено намалување на брзината на возовите за да се избегнат идни материјални штети.

Од МЖ – Инфраструктура информираат дека во раните утрински часови и во вечерните часови загрозените делници се контролираат со шинско возило (т.н. „дрезина“) пред поминување на патничките возови. Имено, дрезина на МЖ – Инфраструктура сообраќа на критичните места пред да помине патничкиот воз, со што се исклучува можноста од идна железничка незгода.

„Овие мерки се преземаат на сите загрозени делници од пругите на Македонски Железници“, велат за „Мета“ од МЖ – Инфраструктура.

Најновите мерки на МЖ – Инфраструктура се преземаат откако патничкиот воз Кичево – Скопје минатата недела се излизга од шини на пругата меѓу гостиварските села Лакавица и Падалиште. Кон крајот на јануари, локомотива од товарен воз излета од шини во близина на станицата „Рајко Жинзифов“ на пругата Скопје – Велес. И покрај ваквите несреќи, статистичките податоци покажуваат дека возот како превозно средство е исклучително безбеден, барем за патниците што се наоѓаат во самите возови.

Железничките несреќи имаат тренд на намалување во последниве години, а најмала бројка на незгоди имало во 2017 година – вкупно 45. Податоците на Државниот завод за статистика велат дека во периодот од 2011 до 2017 година имало само 4 потешко повредени патници што се превезувале со воз, но ниту еден патник не загинал. Најчести жртви на незгодите се прегазените лица од возовите во движење, а веднаш по нив следува загинувањето на возачи што учествувале во сообраќајќи на патните премини и раскрсниците.

Државниот завод за статистика во својата МАКСТАТ база на податоци наведува дека најголем број на загинати лица од железнички несреќи имало во 2015 и 2014 година, кога животот го загубиле вкупно 40 лица. Станува збор за периодот во којшто во Македонија имаше наплив на бегалци, кои се движеа долж пругите во надеж дека ќе ја минат трасата од грчко – македонската граница до Србија.