!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Доза ксенофобија и најави за референдуми од општините за стратегијата за бегалци


       
Скопје, 9 август, 2017 - 16:33 (META) 

Вкупно шест општини во земјава доставиле мислења до Минитерството за труд и социјална политика и до Владата во врска со нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 и за предложениот акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.

Од МТСП за „Мета“ оценуваат дека делови од образложенијата на повеќето од општините се „на линија на ксенофобија“.

Според дописот што „Мета“ го доби од Министерството за труд и социјална политика, во предвидениот рок за реакции и за мислења кој истече вчера, мислења доставиле општините Ново Село, Демир Капија, Крива Паланка, Велес, Гази Баба и Прилеп.

Повеќето од општините имаат идентични, односно негативни ставови околу стратегијата, а како аргументи во мислењата имаат наведено дека Македонија треба да остане транзитна земја за мигранти и дека општините немаат просторни, финансиски и инфрастуктурни услови да одговорат на мерките предвидени со стратегијата.

Така, во мислењето на Општина Ново Село, меѓу другото, се наведува дека со оваа стратегија државата непотребно финансиски ќе се оптовари и трајно би се нарушила демографската слика, имајќи предвид дека „во општина Ново Село живее 99,9 отсто македонско население со православна веросиповед“.

Од Општина Ново Село нагласуваат дека ќе распишат референдум за изјаснување на граѓаните по ова прашање.

Идентични се ставовите во мислењата на општините Демир Капија, Крива Паланка, Прилеп и Гази Баба, од каде велат дека прифаќањето бегалци и странци во Македонија „ќе ги дестабилизира регионот и државата во целина“.