Се очекува репатријација на македонски државјани заробени како борци во редовите на Исламска држава на Ирак и Сирија, а добар дел од нив ќе бидат предмет на понатамошна постапка, затоа што учеството во странски војски е кривично дело, оценува Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.

– Се очекува дека во претстојниот период ќе има доста депортирани. Курдите држат околу 150 борци од регионот, меѓу кои и македонски државјани, сириските сили држат доста голем број, меѓу кои исто така има наши државјани, Турција во кампови и во затвори има заробени борци на Исламска држава, Демократските сили на Сирија имаат, сите страни имаат заробеници од Исламска држава – вели Трајанов.

По избивањето на конфликтот во Сирија, следејќи го светскиот тренд на превенција на свои државјани да заминат и да и се приклучат на Исламската држава или на некоја од нејзините фракции, најчесто Џабхад ал Нусра, Македонија во 2014 година во Кривичниот законик воведе нов член, 322, „Учество во странска војна, полиција, паравоени и параполициски формации“.

Досега за ова дело се обвинети или осудени 23 македонски државјани – 16 кои беа уапсени во 2015 и во 2016 година во полициските акции „Ќелија 1 и 2“ и уште седуммина заробени борци кои беа репатрирани во август минатата година. Еден од репатрираните, покрај за делото „Учество во странска војна, полиција, паравоени и параполициски формации“ е обвинет и за кривично дело „Терористичка организација“.