Донаторите и земјите од Западен Балкан се координираат во Брисел


       
Брисел, 13 март, 2018 - 14:07 (META) 

Координација на донаторите за Западен Балкан се одржува денеска во Брисел под покривителство на Регионалниот совет за соработка (РСС), на која се собрани сите поважни учесници во економскиот развој на регионот, вклучувајќи ги и претставниците на земјите, меѓу кои и Македонија.

„Состанокот претставува одлична можност земјите приматели на помош и донаторите да разменат информации за актуелните потреби, за недостатоците и можностите за финансирање, се со цел да се завршат преземените обврски и задачи“, изјави на отворањето генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ.

Тој додаде дека земјите од Западен Балкан се целосно посветени на спроведување на Стратегијата Југоисточна Европа 2020 и Повеќегодишниот акционен план за остварување на Регионалниот економски простор.

Колин Волф, шефот на одделот за регионална соработка и програми за Западен Балкан при Генералната дирекција за политиката на добрососедство и проширување на Европската комисија, ја подвлече важноста од регионалната соработка која се одвива и под покровителство на РСС.

„Треба да се искористи моментот што е создаден за Западен Балкан со најновата стратегија на ЕУ за перспективите за проширување. Регионот треба да покаже дека може да работи заеднички за остварување на значителни резултати“, изјави Волф.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, исто така присуствува на овој состанок и зборуваше за приоритетите на Македонија, за интеграција во дигиталниот пазар на Европската Унија.

„МИОА во моментов работи во повеќе различни сфери со цел целосна дигитализација на земјата. За првпат во Македонија подготвуваме национален оперативен план за широкопојасен интернет. Конечно, Македонија ќе има стратегија за сајбер-безбедност, на што активно работиме периодов. Исто така, работиме на зголемување на бројот на е-услуги кои ќе бидат дел од првиот национален портал, со цел да се подобри и олесни животот на граѓаните“, информираше Манчевски.

Тој додаде дека за реализација на овие проекти од особено значење е поддршката на меѓународната заедница и донаторите.

На состанокот министерот информираше и за Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи во Скопје на 18 и 19 април.