fbpx

Договорот со Бугарија стана нова тиранска платформа во наративот на ВМРО-ДПМНЕ

-

По шест месеци постојано споменување на декларацијата потпишана од албанските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ веќе не кажува ниту збор за т.н. тиранска платформа ниту во Собранието, каде што им беше омилена тема, ниту преку редовните официјални партиски соопштенија, прес-конференции и изјави.

За време на филибастерот во законодавниот дом пред два месеци, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да дебатираат за кандидати за претседател на Собранието, говореа за зачувување на унитарноста и на суверенитот на државата низ призмата на тиранската платформа. ВМРО-ДПМНЕ истовремено и засилено повикуваше на нови парламентарни избори за народот да се изјасни за платформата.

Последен кој при официјални говори го употреби терминот тиранска платформа е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој на 31 мај, неколку минути пред да се изгласа новата влада на чело со Зоран Заев, се обрати во Собранието. Тој во неговиот говор го поздрави потпишувањето на гаранциите дека нема да се реализира платформата, кои Заев како мандатар му ги достави на претседателот на државата Ѓорге Иванов при добивањето мандат за составување влада.

„Го поздравувам приземјувањето на мандатарот по однос на залетот во вознес за добивање на премиерската функција и тоа што потпиша дека нема да ја поддржи тиранската платформа. Честитки за народот кој протестираше против тоа цели 80 дена, за да ја зачува унитарноста на државата, честитки и до претседателот на државата, но и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Никој од нас не се бореше да им ускрати нешто на Албанците. Тие ќе добијат унапредување на користење на јазикот, како што добија и во минатото. Но во рамките на меѓународните стандарди, задржување на унитарниот карактер на државата и без загрозување на македонскиот јазик како единствен официјален јазик на целата територија на Македонија, а со тоа и кохезивен фактор на сите етнички заедници во Македонија“, рече Груевски во Собранието.

Тој не кажа ниту збор за тиранската платформа ниту во неговото обраќање долго седум страници за време на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ на 17 јуни.

Но, пред 31 мај, во секое соопштение на ВМРО-ДПМНЕ и при сите нивни секојдневни прес-конфренциии и официјални изјави, тиранската платформа беше главната тема на дискусија која од политичките кругови се префрли во секојдневните општествени кругови, па се чинеше дека секој зборува само за платформата.

Сега нивните соопштенија и изјави се концентрирани на договорот со Бугарија и, како што велат, на „антиреформите кои ги прави СДСМ“.

Инаку, од потпишувањето на платформата од страна на албанските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ неколкупати ја менуваше терминологијата, односно зборовите и изразите со кои во соопштенијата, изјавите и во интервјуа го нарекува овој „документ“. Терминологијата на ВМРО-ДПМНЕ се движеше од само „платформа“, па преку „нова платформа“, „национална платформа“, „платформа на Албанците“, сè до последните „сеалбанска платформа“, „платформа од Тирана“ и „тиранска платформа“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Меѓаши: Младите треба отворено да зборуваат ако имаат суицидни мисли

Потребна е поголема поддршка од институциите за негување на детското ментално здравје, а сите треба да учествуваме во детабуизирање на темата. Ова беа заклучоците на денешното презентирање на наодите на...