!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Договорот со Бугарија е срамен и неуставен за македонските здруженија од дијаспората


       
Скопје, 30 јули, 2017 - 11:00 (META) 

ОМО Илинден – Пирин од Бугарија, Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада, Австралиско-македонски комитет за човекови права и Македонска алијанса за европска интеграција од Албанија денеска преку заедничко соопштение ја осудија содржината на Договорот со Бугарија, која, како што велат, не придонесува за добрососедството, унапредувањето на односите, евроинтеграцијата на Македонија.

„Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија е нерамноправен, ги задоволува повеќе бугарските националистички аспирации отколку македонските национални интереси. Тој ги поставува под прашање сувереноста на Република Македонија и слободите на делови од нејзините граѓани и го урива нејзиниот авторитет како независна и полноправна држава. Добрососедство може да се гради само на рамноправна основа и со добра волја, а не преку уцена, понижување и злоупотреба на позицијата“, се вели во соопштението.

Организациите оценуваат дека Македонија со договорот прави уште еден чекор кон откажување од македонското малцинство во Бугарија.

„Поранешното декларативно откажување сега станува дел и од договорот за „добрососедство“. Тоа е логичен срамен чекор по 25-годишното нарушување на Уставот од страна на владите на Република Македонија, кои целосно и доследно ја запоставуваа својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства во соседните земји и особено во Бугарија и во Грција. Поради оваа причина договорот е и антиуставен!“, се вели во соопштението и се додава дека со договорот се создаваат механизми преку кои Бугарија ќе може да ја условува и да ја уценува Македонија при евроинтеграциите.

Според организациите со терминологијата „двете држави и нивните народи“, „македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија“, „општа историја“ се релативизира македонската нација.

„Било какви општи прослави во услови на отворено негирање на македонската нација и идентитет од бугарска страна, ќе служат за задоволување на таквите негаторски ставови, а не за надминување на недоразбирањата. Со договорот се врши беспрецедентно мешање на политиката во историјата се формираат политички тела кои ќе толкуваат историја и ќе реферираат пред владите“, се вели во соопштението.

Организациите наведуваат дека договорот е неприфатлив, навредлив за Македонија и за македонскиот народ, непринципиелен, срамен за двете земји потписнички.

„Тој нема да придонесе за добрососедството а само ќе ја зголеми недовербата и ќе создаде вистинска омраза против Бугарија на местото на имагинарната таква од која сега се жали Софија“, велат организациите.