„Договорот од Пржино и потоа“, тема за годинешните новинарски награди „Жан Моне“


       
Скопје, 19 октомври, 2016 - 16:09 (META) 

Делегацијата на Европската Унија во Скопје го објави 14. конкурс за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во покривањето теми поврзани со Договорот од Пржино.

Наградата „Жан Моне“, која годинава ќе се доделува за темите под наслов „Договорот од Пржино и потоа“, ќе биде доделена во три натпреварувачки категории – најдобар новинарски напис (за написи објавени во печатени медиуми и/или на интернет), најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет) и најдобра аматерска фотографија.

Творбите што ќе учествуваат треба да бидат авторски написи на тема „Договорот од Пржино и потоа“, објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, во периодот меѓу 18 ноември 2015 и 19 ноември 2016 година.

Наградата е статуетка, диплома и парична награда од 1.000 евра.

На конкурсот за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет), може да се поднесат до три фотографии на тема „Пржино и потоа“, објавени во периодот меѓу 18 ноември 2015 и 19 ноември 2016 година.

Конкурсот за најдобра аматерска фотографија е отворен за сите фотографи аматери од земјата кои може да достават една фотографија на тема „Животна средина“. Фотографиите што се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да бидат претходно објавени.

Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 15 декември 2016 година.