!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Договорен меморандум за разбирање за рестартирање на „Југохром“


       
Скопје, 10 октомври, 2017 - 20:42 (META) 

Владата на денешната 31. седница го усвои предлогот за потпишување меморандум за разбирање, кој треба да придонесе за надминување на состојбите поврзани со работењето на „Југохром“, соопшти владината прес-служба.

„Владата на Република Македонија го донесе ова решение со единствена цел – надминување на проблемите во оваа компанија кои доведоа до запирање на нејзиното работење откако нејзината управа не ги обезбеди неопходните еколошки стандарди пропишани за овој тип индустрии. По повеќе средби и разговори меѓу претставници на компанијата, на синдикатот на „Југохром“ и на граѓанските еколошки организации, донесен е заеднички заклучок дека сите наведени субјекти се заинтересирани за продолжување со работа на компанијата“, стои во соопштението.

Од владината прес-служба наведуваат дека управата на „Југохром“ изразила подготвеност да прибави еколошка интегрирана дозвола А во согласност со законот, а претставниците на синдикатот исто така искажале спремност веднаш да се вклучат во процесот на работењето.

Како што се наведува во соопштението, невладините организации не се противат на повторното рестартирање на работата на комбинатот по инсталирање на соодветни заштитни филтри и опрема што ќе го спречи загадувањето на животната средина.

Владата на Република Македонија, исто така, изразила подготвеност преку надлежните органи, веднаш по исполнувањето на условите, да ја издаде еколошката дозвола потребна за продолжување со работа на комбинатот.

Меморандумот за разбирање ќе го потпишат управата на компанијата, синдикатот и Владата на Република Македонија.