fbpx

Додевски: Кочан се бара за притвор бидејќи е сопственик на медиум

-

Целта на барањето за притворање на Сеад Кочан е затоа што тој е сопственик на медиум што треба да се замолчи и заради нарушување на неговиот углед како бизнисмен, рече на денешната седница на Апелацискиот суд адвокатот на Кочан, Никола Додевски, во образложението на неговата жалба на одлуката за притвор.

Одговорот на Специјалното јавно обвинителство на наводите на одбраната беше дека со самото тоа што веќе неколку дена не се знае каде е Кочан, само се потврдиле нивните стравувања за можноста од бегство, што е и една од причините за барањето за притвор.

Адвокатот на Кочан, Додевски, зборуваше околу еден и пол час и имаше обемно излагање и пред судскиот совет со кој претседаваше судијката Љиљана Шопова.

Тој нагласи дека решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 е незаконско и неправосилно и врз основа на него, не може да се бара апсење и да се распишува потерница против Кочан.

Тој го проблематизираше и рокот во кој Апелацискиот суд треба да донесе одлука. Според Додевски, судиите на Кривичниот совет на Основниот суд во петокот минатата недела, кога била поднесена жалбата на одлуката за притвор, ја оставиле во архива и си заминале на викенд.

Додевски на денешното рочиште рече дека со решението за притвор се прекршени одредби од Европската конвенција за заштита на човековите права. Тој неколкупати наведе дека единствената цел поради која се инсистира Кочан да биде приведен е да се замолчи медиумот на кој е сопственик што, според Европската конвенција за човекови права, е загрозување на правото на слободен говор.

Излагањето на обвинителите на СЈО, Гаврил Бубевски и Артан Ајро, за разлика од тоа на Додевски, траеше пократко. Бубевски наведе дека случајот е јасен, нагласувајќи дека Сеад Кочан „го напуштил своето живеалиште“ истиот ден кога е донесено решението за притвор и дека оттогаш се наоѓа во бегство.

– Сеад Кочан е побегнат. Сеад Кочан го нема седум-осум дена и не се знае каде е. Какво службено патување! Во законот се наведува опасноста од бегство. Овде имаме бегство. Ние уште во првиот предлог ги изложивме нашите стравувања за можноста од бегство – рече Бубевски.

Сега на потег е Кривичниот совет на Апелацискиот суд, кој треба да донесе одлука по жалбата и да ја достави до Основниот суд Скопје 1.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Доналд Туск: Во ризик сме од војна, Европа не е подготвена

Полскиот премиер Доналд Туск изјави оти смета дека постои огромен ризик од војна и оти никој во Европа нема да се чувствува безбедно доколку Русија победи во Украина, пренесува...