Доделена „Златна лира“ за животно дело и за врвни музички достигнувања


       
Скопје, 30 октомври, 2014 - 12:27 (META) 

Советот за музички уметници на Македонија им додели „Златна лира“ за врвни музички достигнувања на диригентот Саша Николовски – Ѓумар и за животно дело – на пијанистот Тодор Светиев.
– И ние во Македонија имаме гордост како што е за Индија Зубин Мехта. Маестро Саша Николовски – Ѓумар е нашиот Зубин Мехта, препознатлив по својата музикалност, експресивност и енергичност, кого Советот на Сојузот на музички уметници на Македонија едногласно го избра за добитник на нaградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања во 2013 година – рече Љубиша Кировски, претседател на Сојузот на музички уметници на Македонија.
Саша Николовски – Ѓумар минатата година го прослави 20-годишниот јубилеј од својата уметничка дејност.
Тодор Светиев, добитникот на „Златна лира“ за животно дело, во рамките на свеченоста одржа и концерт, на кој посебно доживување за публиката беше премиерната изведба на „Фантазија за С“ од Б. Светиев, која тој ја изведе во дуо со Кристина Светиева.
Светиев својот прв солистички рецитал го изведе во 1974 година во „Салон 19.19“ и оттогаш практично започна неговата активна концертна кариера. Оваа година одбележува 40 години уметничка дејност.