!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Доделена наградата „Св. Климент Охридски“


       
Охрид, 6 декември, 2016 - 16:40 (META) 

Градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, на предлог на специјалната комисија, одлучи највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски“ за 2016 година, да ја добие основното музичко училиште „Методи Патче“.

Оваа образовна установа, како што нагласи на прес-конференција Бакрачески, веќе половина век продуцира извонредни музичари, дел од нив светски познати и признати, кои достојното го презентирале Охрид на домашните и на меѓународни натпревари каде училиштето има освоено стотици награди и признанија.

Општинската комисија за доделување награди и признанија, одлучи повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“ за 2016 година да ја добие стрелачката Нина Балабан.

– Признанието ѝ се доделува за исклучителни резултати од областа на стрелаштвото и за промоција на градот Охрид на летните Олимписки игри што годинава се одржаа во бразилскиот град Рио де Жанеиро – рече претседателот на комисијата, Дејан Пановски.

Наградата и повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“ на добитниците ќе им бидат врачени на свечената академија што по повод одбележувањето на патрониот празник на Охрид, „Св. Климент Охридски чудотворец“, ќе се одржи утревечер во центарот за култура „Григор Прличев“.