Дивата сеча е појава која постојано се случува во регионот на Шар Планина и Полошко, особено во последните неколку години.
Полициски службеници од Гостивар, вчеравечер во двор од викендичка, лоцирана покрај регионалниот пат Србиново-Лакавица, сопственост на 49-годишник од Лакавица, пронашле околу 9 и пол метри кубни огревно дрво.
Огревното дрво било подготвено за транспортирање, без потребните документи и жиг на нив. Дрвата се фотодокументирани, одземени и предадени на Шумска полиција за натамошна постапка, информираат од СВР Тетово.
За ваквите случаи реагираат и планинарските друштва. Велат, состојбата е навистина лоша на Шара, особено кај тетовските села Вејце, Бродец и на просторот над селото Варвара.
– Ова се случува од порано. Се сомневаме дека ваквиот „масакр“ на дрвјата на Шар Планина, е дело на организирани групи- вели Јован Божиновски од планинарскиот клуб „Љуботен“.
Планинарите се чести сведоци на последиците од дивата сеча по планините. Велат дека секој случај се пријавува на Шумската полиција, но ситуацијата и натаму е непроменета.
– Чувството на сите планинари, кога поминуваме низ вакви подрачја, ни е исто како да сме среде подрачје погодено од природна катаклизма, или среде разрушен град од војна – вели планинарот Бошко Видоески.