Директорот на ОТА: „Бомбите“ никогаш нема да се повторат


       
Скопје, 1 ноември, 2018 - 14:44 (META) 

Директорот на новата Оперативна техничка агенција (ОТА) Зоран Ангеловски, соопшти дека Агенцијата, која ја презема опремата за прислушување од УБК и која ќе ја има контролата врз следењето на комуникациите, денеска официјално почнува со работа во полн капацитет.

На заедничката прес-конференција во Владата со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Ангеловски рече дека контролата врз работата на ОТА ќе биде повеќестепена, од собраниска комисија, од граѓански организации и експерти, со една цел – да не се дозволи никогаш повеќе да се врши незаконско прислушување.

– Ве уверувам дека „бомбите“ никогаш веќе нема да ни се повторат – изјави Ангеловски на прес конференцијата, додавајќи дека во Македонија сега нема незаконско прислушување.

Тој објасни дека ОТА е професионална агенција и целосно независно тело. Сега располага со технички кадар преземени од  МВР односно четири лица од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузнавање.  Најави дека останатите вработени ќе се изберат преку конкурс. За досега вработените, Ангеловски рече  дека поминале низ проверки дека не биле дел од аферата со прислушувањето, за што било консултирано и СЈО.