!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Директорите на УБК, БЈБ и врвот на МВР се гоштевале на сметка на државата


       
Скопје, 13 јули, 2017 - 14:21 (META) 

Фактури од ручеци и од вечери, чија просечна „тежина“ е околу 500 евра, од кои дел биле и во време на влошена безбедносна ситуација, презентираше денеска МВР. На фактурите се дел од трошењата за репрезентација на поранешните првите луѓе на МВР и на нивните заменици и помошници, како и на директорите на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Бирото за јавна безбедност.

Фактурите, биле „само 1000. дел“ од тоа што е досега е декласифицирно во МВР и наскоро ќе бидат презентирани и нови докази.

Се јаделе скапи специјалитети, дивеч, морска храна, а се пиеле скапи вина и пијалаци. Интересни се сметките направени, на пример, еден ден по масакрот на Смиљковско Езеро, кога во една позната кафеана во Скопје е направен цех од 29.860 денари.

Како што презентираа од МВР на оваа и на други сметки, станува збор исклучиво за репрезентација на која имале право само директорите на УБК и на БЈБ. Од нив се направени цехови во кои се вклучени и стекови од бизон и од коњ.

Така, една сметка од кафуле од февруари 2013 година, која гласи на УБК, биле потрошени 29.750 денари, односно 2.400 денари за коњак, вино, бадеми, ореви…

МВР ги презентираше и вкупните трошоци за репрезантација, па во 2011 година министерот и неколкуте оддели директно под него потрошиле речиси 5 милиони денари. БЈБ потрошило 15 милиони денари, секторите за внатрешни работи – 2,8 милиони денари и УБК – 8 милиони денари, додека Центарот за обука во таа и во следните три години не направил ниту денар трошок за репрезантација.

МВР ги презентираше и трошоците направени на службените картички на раководните лица, па од 2008 година до 2015 година Сашо Мијалков, како шеф на УБК, употребил 1,1 милион денари, шефот на кабинет на Јанкулоска потрошил 2,3 милиони денари, а министерката Јанкулоска 1,3 милиони денари. Релативно скромен бил Љупчо Тодоровоски-Радникот, кој од 2008 до 2013 година од картичката потрошил само 10.000 евра. Неговиот наследник Митко Чавков од 2013 до 2017 година потрошил речиси двојно повеќе од него.

МВР вети дека ќе презентира и нови фактури и сметки, а одговорните објаснија дека денеска презентираните биле декласифицирани дури минатата седмица. Најавија дека ќе се побара ревизија на трошењата и најавија изготвување правилник со кој ќе се спречат луксузирања како погоре наведените.