!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Димовски и Трајковски остануваат без пасоши, Апелација им ги одби жалбите


       
Скопје, 21 јули, 2017 - 12:07 (META) 

Тони Трајковски, актуелениот градоначалник на Гази Баба, и пратеникот во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, остануваат без пасоши и со обврска еднаш неделно да се јавуваат пред служебно лице во суд, откако Апелацискиот суд Скопје ги одби нивните жалби на одлуките на Кривичниот суд да им бидат одредени мерки на претпазливост.

Апелацискиот суд, истовремено, ја одбил како неоснована и жалбата со која Специјалното јавно обвинителство бараше на градоначалникот на Гази Баба, Трајковски, обвинет во случајот „ТНТ“, да му биде одредена мерка притвор, наместо мерки на претпазливост.

СЈО бараше притвор за Трајковски, бидејќи, како што навел обвинителот Гаврил Бубевски пред судот, иако уредно ги примал поканите за распит, градоначалникот на Гази Баба не доаѓал и не покажувал почит кон обвинителството.

Во врска со жалбата на Димовски, кој e обвинет во случајот „Титаник“, Апелацискиот суд, како што стои во решението, оценил дека таа е неоснована и дека Кривичниот суд правилно постапил кога го уважил предлогот на СЈО за определување мерки на претпазливост.

Димовски во жалбата навел дека се јавувал на сите покани во СЈО и дека доколку имал намера да бега, имал доволно време да го стори тоа досега.