!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Димитров за „То вима“: Нерешавањето на спорот за името ја загрозува регионалната безбедност


       
Атина, 18 јуни, 2017 - 19:51 (META) 

„Спорот за името е долгогодишен. Иако во суштина тоа е билатерално прашање, последиците од негово нерешавање, како што се гледа во последно време, може да ја загрозат регионалната стабилност“, вели македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во интервју за грчкиот весник „То вима“.

Тој нагласува дека Република Македонија предолго е оставена во чекалница пред заклучените врати на НАТО и на ЕУ поради наметнатата политичка блокада и покрај одлуката на Меѓународниот суд за правда и оти „тоа за возврат ја отвори вратата за демократска криза во земјата“. Вели дека и Македонија има направено грешки, но дека треба да се оди напред.

– И ние, очигледно, имаме направено свои грешки. Сите треба да ја научиме лекцијата. Категорично сум убеден дека треба да ја искористиме ситуацијата и позитивниот моментум. Да ги употребиме за суштинско преосмислување на нашиот однос. За Грција прашањето е каков сосед би сакала да има? За Република Македонија прашањето е каков сосед би сакала да биде? Сакаме да бидеме блиски пријатели на Грција врз основа на заемно разбирање, почитување и заеднички интереси. Ако тука постапиме правилно, сигурен сум дека и двете држави ќе бидеме запишани во историјата со светли букви – истакнува Димитров.