!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Димитров: Во преговорите со Грција треба да си создадеме пријател


       
Прилеп, 6 октомври, 2017 - 19:26 (META) 

Во преговорите со Грција треба да се настапува позитивно, а не со површен национализам, порача министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Прилеп. Тој беше во градот под Маркови Кули за да му даде поддршка на кандидатот за градоначалник, Илија Јованоски.

Шефот на македонската дипломатија вели дека главната поента во преговорите со Грција во спорот за името е да настапува позитивно за да не се засили блокадата.

– Сега нашиот главен пристап е да им ги одземаме аргументите што би ја отежнале блокадата и да не изнесуваме аргументи што би ја бетонирале блокадата, да работиме на враќање на старите и стекнување нови пријатели, бидејќи за да го решиме тој проблем, мора да имаме пријатели – рече Димитров.

Тој не гледа причина да се даваат остри изјави, бидејќи тоа би бил површен национализам што Македонија би ја држел уште неколку години во застој.

–  Мојата задача е да извлечам максимум. А за толку важно прашање, мора сите заедно да видиме што е и како е. Лесно е да се каже некоја остра изјава контра Грција и да бидам „херој во Прилеп“, но што сме направиле тогаш со иднината на Македонија и каде се гледаме по пет години? Површниот национализам ги поразува националните интереси на земјата – изјави Димитров.