fbpx

Димитров: Не ни требаат стотици споменици за да бидеме горди Македонци

-

„Оваа Македонија која ја претставувам е позрела Македонија. Нам не ни требаат стотина споменици на плоштадот во Скопје за да бидеме горди Македонци. Оваа Македонија им пристапува на своите соседи без предрасуди и страв“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во интервју за регионалната телевизија „Н1“.

Во интервјуто дадено во Дубровник, за време на Самитот на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Димитров зборува за спорот за името со Грција и за шансите за негово решевање наскоро, за перспективите на Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО, за меѓуетничките односи, како и за геополитиката и за руското влијание во регионот.

Во врска со спорот за името, Димитров вели дека за време на неодамнешната посета на Атина било „додадено месо во костурот“ на мерките за градење доверба. Тој вели дека спорот за името е долготраен и не може да се реши преку ноќ, но дека задачата на новата влада е да создаде соодветен контекст како темел за понатамошните чекори.

– Мојата порака (до Грција, н.з.) беше следна… Ве молиме за ваша поддршка, настојуваме дека морате да размислите за тоа каков сосед сакате да имате. Во Македонија сега сме силно посветени на изградба на европска демократија која се темели на владеење на правото и веруваме дека во интерес на Грција е да има таков сосед… Тие одговорија дека не се подготвени да дадат зелено светло за нашето членство според одредбите од референтните рамки на Обединетите нации, но мојот одговор беше дека нема да престанеме да ги уверуваме на пристоен начин и со позитивни пораки. Разговаравме и за мерките за градење доверба. Додадовме повеќе „месо“ во тој костур, а кон крајот на август министерот Никос Коѕиас доаѓа во возвратна посета. Мора да работиме и на домашен план, бидејќи ова прашање е исклучително важно за македонскиот идентитет, тоа не е потребно да се нагласува посебно – вели Димитров.

Шефот на македонската дипломатија посочува дека тој процес нема да биде лесен, особено по 27 април, кога, како што вели, полицијата следеше партиски заповеди, а не Уставот и Парламентот.

Тој, како посебен успех го истакнува тоа што граѓаните на Македонија успеале да се обединат без разлика на етничката припадност.

– Клучната визија на оваа влада е дека Македонија е посилна само кога и единството е посилно. Ако јазот е голем, Македонија е слаба. Мора напорите да ги насочиме кон тоа сите граѓани да ја доживуваат Македонија како своја татковина. А тоа не може да се постигне со декларација или со еден закон – вели Димитров, прашан како т.н. „Тиранска декларација“ влијание врз политиките на новата влада.

На прашањето, како гледа на геополитичките игри на Балканот и за руското влијание во Македонија за кое многу се зборува во последно време, Димитров вели дека е очигледно оти геополитиката во одредена мерка се вратила на Балканот, но клучно за отпорот на една држава кон странските влијанија е да има силни институции и општество.

– Мислам дека за Балканот не постои стратешка алтернатива, не гледам дека нешто се нуди. Процентот варира, но 60 до 80 отсто од нашата трговска размена е со земјите од ЕУ, зависиме од одлуките на ЕУ. Имаме слободен пазар. Младите кои ги напуштаат нашите земји одат или во ЕУ или можеби во САД. Мора да се помириме со фактот дека тоа е нашата цел. И мора да ги увериме и другите дека тоа е добро за регионот. Не би требало да има „еден или друг“ туку мора да бидеме отворени за соработка со сите кои сакаат да соработуваат со Балканот – заклучува Димитров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...