Димитров-Мас: Германска поддршка за Договорот од Преспа и реформскиот процес


       
Берлин, 8 ноември, 2018 - 12:02 (META) 

Европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија, динамичната билатерална соработка меѓу двете земји на политички и на економски план биле теми на кои министерот за надворешни работи Никола Димитров разговарал со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија Хајко Мас.

„И во оваа пригода министерот Димитров повторно изрази благодарност за континуираната билатерална поддршка од СР Германија за имплементација на реформските процеси во Република Македонија, како и за значењето на Берлинскиот процес во овој контекст. Зборувајќи за домашната политичка ситуација, Димитров нагласи дека и покрај предизвиците, можностите за позитивен исчекор и напредок се отворени за Република Македонија“, соопшти МНР.

Шефот на германската дипломатија Мас изразил задоволство од севкупниот напредок во Република Македонија, како и од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа, укажувајќи на важноста од заокружување на овој процес, што е предуслов за европските и евроатлантските интеграции на земјата.