fbpx

Димитров: Македонија се зацврствува со Договорот, никој нема да не дели и распарчува

-

Со Договорот со Грција, Македонија се зацврстува на светската мапа како држава. Никој нема да не дели и распарчува, напротив земјава станува полноправна членка на НАТО и почнува преговори со ЕУ, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров во интервју за „Телевизија 24“.

Тој од идниот четврток еднаш неделно на „Прашајте го министерот“, ќе одговара на директни прашања од граѓаните во врска со Договорот со Грција и претстојниот референдум за името на државата. Преку жива снимка на социјалните медиуми неколку дена ќе собираат прашања и потоа еднаш неделно, во четврток, ќе одговара на нив.

Димитров рече дека се уште не знае колку ќе чини организирањето на референдумот, но поважно од тоа, според него, е на граѓаните да им се објаснат основните елементи и придобивките од потпишаниот Договор со Грција. Ги повика граѓаните да го прочитаат Договорот достапен на веб-страницата на Владата.

Објаснувањето го смета за своја должност зашто тој е потписник на Договорот, а неговото поддржување го смета за национална и генерациска обврска во зацврстување на државата и идентитетот.

– Моја должност е да направам се што можам да го објаснам и да им објаснам на граѓаните, зашто пред нас е една историска раскрсница, а одлуката е наша. Зашто влогот е огромен, пред нас е многу одговорна одлука – каде сакаме да ни биде Македонија во следниот период – истакна Димитров, нагласувајќи дека е тешко државата да опстои и да се развива напред ако не е во сојузите ЕУ и НАТО.

Повтори дека со прифаќањето на Договорот, името на државата ќе биде Република Северна Македонија, за што ќе треба да се отвори Уставот, државјанството ќе гласи: македонско/граѓанин на Северна Македонија, химната останува непроменета, јазикот останува македонски.

– Етнички, како народ – македонски народ, Македонци што зборуваат македонски јазик. Стравот кај нас од географска одредница кон името Македонија бил – дали тоа нас ќе не смени. Тоа што ние успеавме експлицитно другата страна да го прифати – нашето право за самоопределување – ќе значи дека ќе може и во ЕУ македонскиот јазик да биде македонски јазик, да бидеме Македонци. Ставаме една точка на дилемите и предизвиците дали сме прифатени и оспорувани. Мислам дека има многу заблуди и магла и треба многу објаснувања за да се расчистат – рече Димитров.

Во врска со разликите што за ова прашање ги има ВМРО-ДПМНЕ, Димитров рече дека не се работи за прашање на ниедна партија, ниту е прашање на Владата, туку е прашање за иднината на државата, нејзиното зачленување во НАТО, почеток на преговори со ЕУ ми останување на младите во државата.

– Луѓе што преку антиквизација додадоа еден куп аргументи на негативните политички сили во Атина, коишто не се заинтересирани ова прашање да се реши, и го искомплицираа многу проблемот, меѓу другото изгубивме симпатии и пријатели со таа политика. Луѓе кои толку не пикнаа во дупка, што ние немавме стартно рамна позиција во јуни 2017 година – рече шефот на македонска дипломатија, нагласувајќи дека најважно е по многуте пропуштени шанси, да се симне тегот што државата ја влече надолу и да се тргне напред заедно со другите земји.

Во врска со противењето на Договорот од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Димитров посочи дека легитимно е да се има став и да се аргументира но, рече, не може да кажете: јас сум за ЕУ и за НАТО, а да сте против Договорот и да не нудите друг пат.

– Процени ги овие работи – дали сакаш да одиме напред или да се вратиме во чекалната. Излези и гласај. Негласањето е бегање од личната и општествената одговорност. Граѓаните суверено да одлучат за ова прашање. Да се бојкотира својата иднина, својата држава, својата Македонија, е кукавичлук. Мора со визија и патриотизам да пристапиме кон ова прашање – рече Димитров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше...