Ако има искривено решение за името, тоа нема да биде решение, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров по 14. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет „Република Македонија – Европска Унија“, во Стразбур, на кој шефот на македонската дипломатија имаше свое обраќање.
– Зборував за реформите и за добрососедските односи. Кажав дека самиот европски проект е роден со цел да се реши проблем, да се намалат анимозитети меѓу соседи и многу е важно оваа шанса да ја види и нашиот сосед Грција. Имавме дебата со европратеници од Грција, меѓудругото и таа порака ја упатив да го искористиме овој процес да научиме како да станеме сојузници во иднина, бидејќи тоа значи нашето зачленување во ЕУ – еден ден Грција ќе ни биде сојузник, треба да сака да ни биде сојузник, исто како и ние што треба да сакаме таа да ни биде сојузник. Зборував се разбира за разликата околу името, како е важно и кај нас и кај нив да има прифатеност, бидејќи ако има искривено решение, тоа нема да биде решение – рече Димитров.
Во однос на Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан, Димитров изјави дека „сакаме во јуни да добиеме политичка препорака за почеток на преговори“.
– Ако Македонија не добие политичка одлука за почеток на преговори тоа ќе биде голем проблем за амбицијата оваа 2018 да биде европска година за Балканот и тоа го знаат и во Брисел, тоа го знаат и земјите-членки, и затоа е многу важно да се создаде контекст кој ќе ни помогне да ја отвориме таа врата – изјави шефот на македонската дипломатија.