Димески: Законите најчесто се носат без проценка на финансиските импликации


       
Скопје, 2 октомври, 2018 - 14:22 (META) 

Граѓаните и деловниот сектор во Македонија постојано укажуваат на честите промени на законската регулатива и усвојување нови закони кои наметнуваат скриени трошоци. Искуствата покажуваат дека надлежните институции кои се јавуваат како предлагачи на законите не подготвуваат проценка за влијанието на регулативата и не земаат предвид какви ефекти ќе предизвикаат новите одредби во општеството. Како да се подобри оваа состојба и да се зголеми искористувањето на постоечките алатки за комуникација меѓу предлагачите и засегнатите страни се прашања на кои побаравме одговор од Јане Димески од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ каде подолг период се занинаваат со оваа проблематика.

Институт за демократија „Социетас Цивилис“ преку теренска анкета неодамна истражуваше каква е перцепцијата на јавноста за процесот на проценка на влијанието на регулативата (ПВР). Какви беа главните наоди?

anketa infografik

– Направивме анкета на национално ниво во рамки на проектот „Проценка на влијание на регулативата во сенка“ кој го спроведуваме заедно со Центарот за економски анализи, и наодите укажуваат дека тој процес е генерално непознат за широката јавност, иако е воведен уште во 2009 година. Под непознат не мислиме дека луѓето не се запознаени со етапите и деталите од процесот, туку дека во 2017 година дури 77 проценти од анкетираните воопшто немаа слушнато дека постои нешто што се нарекува ПВР. Тоа е голем проблем со оглед на тоа што последните години има засилени барања и очекувања во јавноста за отворање на процесите на создавање на законите и политиките за пошироко учество, а од друга страна алатките кои стојат на располагање за токму такво учество остануваат непознати. Притоа, поголем дел од граѓаните кои ги анкетиравме сметаат дека при изработката на законите и прописите не се користат истражувања односно тие не се засноваат на факти. Исто така, секој втор од анкетираните граѓани (53 проценти) смета дека Владата и Собранието не прават ниту проценка на трошоците од воведување на некое ново законско решение. Сепак, иако не знаат дека формално постои ваква процедура поголем дел од граѓаните рационално заклучуваат дека кога се менуваат или се носат нови закони треба да се испитаат и економските и социјалните влијанија од нив. Тоа оди во иста насока со она што треба да го прави ПВР процедурата доколку суштински се почитува.

Неизбежен е заклучокот дека мнозинство од граѓаните, но и од вработените во надлежните институции кои најчесто се јавуваат како предлагачи на законската регулатива воопшто не знаат дека постојат алатки за проценка на влијанието на регулативата. Како го објаснувате овој феномен?

– Точно. Настрана од очекуваното сознание дека обичните граѓани кои не се секојдневно поврзани со административни процеси не се запознаени со постоењето на ПВР интересно е што кога ги вкрстивме податоците според работниот однос на испитаниците произлезе дека дури 72 проценти од оние кои изјавија дека се вработени на некое ниво во државниот сектор исто така воопшто не слушнале за ПВР. Тоа е позагрижувачко со оглед на тоа што ПВР првенствено се смета за алатка на администрацијата за проценка на влијанието од легислативата која се носи со цел поефикасно користење на јавните ресурси и од тоа да има попозитивни ефекти врз општеството и да има можност да процени доколку некој закон би имал некакви негативни влијанија. Значи во ПВР првенствено е вклучена администрацијата на различни нивоа и поради тоа очекувавме повеќе од луѓето од државниот сектор да имаат барем основно познавање за процесот, меѓутоа тоа не е така.

anketa infografik 2

Според вашите сознанија, колку често во Македонија се предлагаат и усвојуваат закони без да има проценка за финансиските импликации по буџетот и ефектите што ќе ги имаат прописите врз граѓаните?

– Порано почесто поминуваа такви закони. Сега барем формалната процедура за повеќето од законите се запазува да вклучува ПВР, но различно прашање е колку е тоа суштински успешно. Најчести се оние кои велат дека законот нема да има финансиски импликации иако само ако го прочитате воведот на законот ќе ви стане јасно дека такви импликации ќе има. Во секоја ПВР анализа треба да бидат понудени три опции како ќе се решава еден проблем и секоја да биде аналитички поддржана со податоци и истражувања. Едната треба да покажува што ќе се случува ако не се преземе ништо, а другите две опции треба да покажат какви ќе видат влијанијата и колку ќе чини ако еден проблем се решава на два различни начини.

Притоа тие што го пишуваат документот треба врз основа на фактите да заклучат која од тие две опции е преферирана и да објаснат зошто. Такви документи во системот на ЕНЕР кој е јавно достапен на адресата ener.gov.mk се исклучително ретки. Неодамна организиравме работилница на која комбинирани групи составени од претставници на граѓански организации и министерства анализиравме повеќе такви документи за различни закони и заклучивме неколку работи. Прво, дека за многу нешта нема доволно добри информации и статистики со оглед на тоа што немаме нов попис на населението. Второ, дека и во тие области во кои има многу податоци тие не биле искористени во анализите иако се јавни и лесно достапни. Трето, дека често воопшто не е објаснета целта за која се носи законот што може да е резултат и на тоа што претходно не е јасно идентификуван проблемот што тој закон треба да го решава, што е основа за создавање на неприменливи закони. Законите за кои не се предвидени трошоците од буџетот, трошоците на економијата и граѓаните едноставно ги има многу повеќе отколку оние за кои овие трошоци се барем приближно проценети.  Тоа сè уште е доминантна практика.

Каде треба да се бара решението за поголемо вклучување на граѓаните и бизнис секторот во подготовка на законската регулатива? 

– За почеток прво неминовно ќе биде да се промовира процесот и електронскиот систем ЕНЕР на кој граѓаните може да ги читаат и коментираат сите закони уште во фазата на нивните нацрт верзии. Мора да се засилат ПВР тимовите во министерствата, како и способноста на граѓанските организации да следат спроведување на вакви анализи при нивното креирање. Владата конечно мора да почне да прави реални планови за својата годишна работа и строго да се држи до нив. Со тоа министерствата, Собранието и јавноста ќе знаат точно во кој месец кој закон ќе се носи и ќе може да се подготвуваат и да истражуваат за нив. Досегашното искуство покажува дека она што Владата го дава како план во својата годишна програма за работа најчесто е далеку од она што реално се носи како легислатива. Мора да се престане со носење закони или измени преку ноќ неколку пати годишно и да се прејде на темелен и посуштински законодавен процес во кој сите ќе имаат шанса да учествуваат со аргументи. Таквите закони ќе бидат подобри, потрајни и поевтини и секако поприфатени од граѓаните. Сега имаме закони кои се менуваат по неколку пати годишно и дури ниту самите правници кои работат на нив не успеваат да држат ритам.

disklejmer1-01