fbpx

ВИЗУЕЛИЗАЦИЈА: ВМРО-ДПМНЕ освои 51, а СДСМ 49 пратенички мандати

-

ВМРО-ДПМНЕ има освоено два мандати повеќе од СДСМ, покажаа првичните резултати на Државната изборна комисија од вчера одржаните предвремени парламентарни избори.

Како што истакна претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, според првичните, но не конечни резултати, ВМРО-ДПМНЕ освоила 51 пратеничко место, СДСМ 49 мандати, ДУИ 10, движењето Беса 5, Алијанса на Албанците 3 и ДПА 2 мандати.

Од ДИК истакнаа дека ова се податоци добиени според резултатите добиени од шест изборни единици и оти сè уште се чекаат резултати седмата изборна единици. Чичаковски истакна недостигаат резултатите од уште 10 избирачки места од дијаспората, поточно од САД, и оти откако ќе ги добијат овие податоци ќе излезат со информации и за ИЕ 7.

Во текот на денешниот ден до ДИК веќе пристигнале и првите приговори од носители на избирачки листи, но, според Чичаковски, нивниот број е незначителен.

Во однос на бројот на неважечките ливчиња, Чичаковски истакна дека во тоа не треба да се гледа недостиг во едукацијата на избирачките комисии, туку тоа може да е искажан став на самите гласачи.

Од ДИК соопштија дека партиите имаат можност во рок од 48 часа да поднесат приговори до ДИК, а Комисијата во рок од 48 часа треба да одговори на пријавите. По одговорот поднесувачите на приговори можат да поднесат жалба и до Управниот суд.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.