!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ДИК почна со дистрибуција на изборниот материјал, ливчињата ги печати „Полиестердеј“


       
Скопје, 12 октомври, 2017 - 13:50 (META) 

Државната изборна комисија денеска почна со дистрибуција на доверливиот изборен материјал до општинските изборни комисии за претстојните локални избори закажани за недела, 15 октомври.

Гласачките ливчиња ги печатеше печатницата „Полиестердеј“ .

Потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца, изјави дека дистрибуцијата се одвива според планираното и дека досега процесот тече како што треба.

– Претходно до сите општински изборни комисии (ОИК) го распределивме и недоверливиот гласачки материјал. Тука сме заедно со сопственикот на претпријатието кое првпат ги испечати гласачките ливчиња и можам да кажам дека ние сме задоволни – изјави Прекопуца.

Сопственикот на печатница „Полиестердеј“, Филип Спасовски, рече дека печатењето на изборниот материјал претставувало интересен проект во кој биле вклучени сите 170 вработени во компанијата. Тој се заблагодари на ДИК за укажаната доверба.

Шестите локални избори во Македонија ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Кампањата за првиот изборен круг ќе заврши утре на полноќ.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на полноќ на 27 октомври.