fbpx

ДИК на пауза – дополнително ќе се сослушуваат членовите на избирачките одбори

-

Државната изборна комисија денеска, со час и половина задоцнување, ја почна седницата на која се разгледува последниот приговор од коалицијата предводена од СДСМ за избирачкото место 2011, општина Теарце, во ИЕ 6, на кое на почетокот на гласањето недостигало гласачко ливче со сериски број, а по пребројувањето тоа ливче е најдено во кутијата.

Претставникот на СДСМ во ДИК, Игор Милев, истакна дека прекршен е и принципот за тајноста на гласањето бидејќи ливчето е скинато сосе серискиот број од кочанот и оти поради тоа се знае точно кој гласал и за кого гласал. Тој побара гласањето на ова гласачко место да се поништи, особено затоа што недостига и доверливиот записник број 15.

Според претставникот на ДУИ во ДИК, Субхи Јакупи, во овој приговор има неразјаснети работи и оти е потребно да се повикаат членовите на избирачкиот одбор од спорното гласачко место. Тој исто така се пожали на притисоците од медиумите, во ДИК и од случувањата надвор пред комисијата, посочувајќи дека во таква ситуација не може да се работи. Јакупи, исто така, побара да се поведе постапка за сите што давале лажни изјави и го прекршиле Изборниот законик.

Претставникот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими, рече дека е против пребројување на гласови и повикувањето на избирачкиот одбор и, како што рече, против тоа да се прават драми. Тој побара од членовите на комисијата да се придржуваат до правилата и до процедурите за да се донесат мериторни одлуки.

Силвана Бонева, претставник на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК, пак, побара да се отфрли приговорот на СДСМ бидејќи содржи неточни наводи за ливче со сериски број, кое било наводно користено за „бугарски воз“.

– Ниту едно гласачко ливче во Македонија нема сериски број – рече Бонева, додавајќи дека гласачко ливче со ваков сериски број не може да постои.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, речиси час и половина по почетокот на седницата побара да се повикаат членовите, претседателите и замениците на избирачкиот одбор и на општинскиот изборен одбор за да бидат дополнително сослушани. Предлогот беше прифатен со шест гласа „за“ и со три „против“, по што со ист број гласови се одлучи истовремено да се донесе целиот избирачкиот материјал и да се утврди каде исчезнал записникот број 15, на кој наводно има изјава која е во прилог на приговорот. Додека се донесе избирачкиот материјал и членовите на одборите, ДИК ќе прави пауза.

Во меѓувреме, пред ДИК продолжуваат протестите на приврзаниците и на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, кои веќе трет ден се собираат пред заградата каде што се наоѓа комисијата за, како што велат, „да ја одбранат изборната победа“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...