ДИК: Излезноста на референдумот 36,27 проценти, „за“ гласале 91,33 отсто


       
Скопје, 30 септември, 2018 - 23:03 (META) 

Според обработените 88,50 проценти од податоците, од страна на ДИК до 23 часот, на референдумот излегле 569.871 гласачи, односно 36,27 проценти од запишаните во Избирачкиот список. „За“ гласале 520.461 односно 91,33 проценти, против 32.801 или 5,76 проценти од гласачите.

Ова се неофицијални податоци од Државната изборна комисија, а официјалните се очекува да бидат соопштени утре, откако, како што информираше претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, ќе пристигнат сите записници и ќе поминат роковите за жалби.

Прашан за успешноста на референдумот, тој го цитираше законот по ова прашање.

„Одлуките на референдумот се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број на граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список. Освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено. Што значи, согласно овој член, потребно е исполнување на двата кумулативни услови за да донесете одлука на референдумот. Во овој случај, после 85 проценти обработени резултати, трендот кој го имаме на процентот на излезеност, јасно е дека еден од условите нема да биде исполнет, односно на референдумот не е донесена одлука. Тоа е законската одлука и не може да биде поинаку. Не можеме да навлеземе во политички коментари“, рече Дерковски.