fbpx

Дигитализирана настава бара инфраструктура, брз Интернет и план за одржување

-

Опремата од проектот „Компјутер за секое дете“ од пред 11 години е речиси надвор од употреба. Во ера на дигитализација, нашите основци и средношколци на часовите се принудени да ги користат своите смартфони кои делумно „вршат“ работа, а наставниците неретко носат лаптопи од дома за да можат да ја усвојат материјата предвидена со програмата. Некои основци користат учебници по информатика испечатени во 2009 година, што е апсурдно со оглед на брзиот развој на технологијата и неупотребливоста на материјалот во тој учебник од денешна временска дистанца.

Оваа слика за македонското образование во однос на дигитализацијата, мора да се промени. Државата мора да вложува во опрема, а наставниците мора постојано да одат на обуки, а знаењата оттаму, ќе ги применуваат на часовите.

Незамисливи се часови без употреба на компјутери

„Мета“ неодамна објави дека Министерството за образование подготвува наследник на проектот „Компјутер за секое дете“. Заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов изјави дека наставната програма неопходно е да се дигитализира, а со тоа ќе им се овозможи на учениците да се образоваат од современи помагала.

– Тоа е една голема промена која ќе мора да се случи. Конкретни податоци немам во овој момент кога би се набавувале нови компјутери за учениците, но ќе работиме на тоа да ја дигитализираме наставата. Тоа подразбира обезбедување повеќе ресурси, опремување на училиштата за дигитализација и овозможување на алатки за да можат да учат од модерни помагала. Исто како минатата влада, имаме желба да го реализираме овој процес, кој не може да се заврши за кусо време – рече Атанасов.

„Донесете ваши уреди“ е привремено решение

Како што рече Томе Спировски, првиот човек на Државниот просветен инспекторат, само една третина од компјутерите од проектот „Компјутер за секое дете“ се во функција на ниво на држава. За да можат да ги реализираат часовите, во училиштата се функционира по принципот „bring your own device“, па децата сами од дома си носат смартфон, таблет или лаптоп за да можат да научат нешто на часот со помош се разбира, на нивните наставници.

Според експертите, дури и за уредите кои децата и наставниците си ги носат од дома, треба да има соодветна инфраструктура, односно треба да има соодветно напојување за да може секој да си го полни уредот, а исто така неопходно е и да има Интернет кој ќе го користат на часовите.

Ништо без добра инфраструктура и одржување

Проф. д-р Миле Јованов, претседателот на Здружението на информатичари и професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, вели дека нашите училишта значително заостануваат кога станува збор за технологија и тоа мора што поскоро да се промени, бидејќи ова што сега го има во училиштата од компјутерска опрема е сосема неупотребливо.

Според него, прв приоритет е да се набават компјутери во основните и во средните училишта за опремување на кабинетите за наставата по информатика, бидејќи тие кабинети се разликуваат од сите останати кабинети. Ако останатите користат технологија во наставата, во кабинетите по информатика имаме настава за технологијата и тука мора да има разлика во тоа како треба да изгледа таа училница во однос на стандардната.

komputer-za-sekoe-dete

– Проблемот со струја и пристап до Интернет во училиштата до ден денес не е добро решен. И не е едноставно да се реши затоа што имаме разлики во регионалниот развој. Во некое село има оптика, во некое едвај може да има некаков сателитски достап. Некаде може да го обезбеди телекомуникациски провајдер, некаде кабелски провајдер. Треба да се реши тоа, мора да има добар интренет ако сакаме да имаме квалитетна настава со компјутери. Треба да има компјутери во училиштата, или подобро – во секоја училница, кои ќе служат како локални сервери за да се складираат содржини кои потоа учениците локално ќе може да ги повлекуваат за време на час. Пред да се купи компјутер, треба да се купи проектор за секоја училница.  Кој ќе набавува делови, кој ќе врши поправки кој ќе менува делови тековно, ова се прашања кои се клучни. Компјутерската опрема се расипува и тоа е нормално, но како ќе се организира грижата за опремата е важно. Би требало да се упростат тендерските процедури за набавка на делови на пример, бидејќи додека заврши една таква процедура, може да помине цело полугодие – вели Јованов за „Мета“.

Претходниот проект се тврдеше дека чини 60 милиони евра

Проектот „Компјутер за секое дете“ стартуваше во 2007 година. Тој беше жестоко критикуван од тогашната опозиција, а сегашна власт, дека е неуспешен и дека е проект за перење пари. Никогаш точно не беше обелоденето колку точно пари од државниот буџет беа потрошени за компјутери, иако во јавноста се калкулираше со бројка од 60 милиони евра.

Со овој проект како држава бевме меѓу подобрите земји во однос на тоа колку компјутери има по глава на дете. Но тоа од оваа временска дистанца е неважно бидејќи во пракса тој проект не функционира. Познавачите предупредуваат дека државата мора постојано да вложува во опрема, но и во обуки за наставниците кои мора да напредуваат и да ги применуваат во наставата новите работи што ги учат.

Е-дневникот е добра мерка

Во насока на дигитализација на наставата е и мерката електронски дневник, која беше воведена пред неколку години и која стана законска обврска за наставниците. „Мета“ неодамна пишуваше дека во моментов системот не е во функција бидејќи во тек е избор на фирма што ќе го поправи. Ова е добра мерка, бидејќи овозможува родителите преку смс, постојано да имаат увид во оценките и изостаноците на своите деца.

Мерката не им се допаѓа на наставниците бидејќи мораат да водат двојна евиденција и во пишаниот и во електронскиот дневник, но министерството најавуваше кратења на нивните административни обврски, па се очекува промени да има и во водењето евиденција во дневниците.

Антонија Поповска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...