Џонсон: Србија и Косово да се угледаат на Македонија и Грција


       
Белград, 11 септември, 2018 - 10:21 (META) 

Американскиот сенатор Рон Џонсон на крајот на својата балканска турнеја, ги повика Косово и Србија при решавањето на долготрајниот спор, да се угледаат на Македонија и Грција.

– Грција и Македонија имаат реална шанса да го решат спорот сврзан со промената на името на земјата, кој постои веќе 27 години. Сметам дека двете земји имаат многу смели премиери коишто согледуваат што е во интерес на народите. Сметам дека тој пример може да им користи на Србија и Косово, коишто, според мене, водат сериозни преговори за да го решат долгогодишниот меѓусебен спор – рече Џонсон во интервју за Радио Слободна Европа во Белград, каде отпатува по посетите на Грција, Македонија и Косово.

Прашан какви се неговите очекувања од рефендумот во Македонија, Џонсон вели дека бил охрабрен при разговорот со премиерот Зоран Заев, како и со претставниците на опозициските партии во Собранието.

– Има уверување дека референдумот „ќе помине“, се надеваме дека нема да има бојкот и дека на гласачките места ќе излезат голем број гласачи. Тоа би било одлично – вели Џонсон.

Републиканскиот сенатор близок до претседателот на САД, Доналд Трамп, порачува дека грчко-македонскиот спор е проблем што трае долго и за којшто не постои лесно решение, но ја пофалува политичката храброст на двајцата премиери за постигнување договор за нешто за што знаат дека нема да биде широко прифатено ниту од граѓаните на Грција, ниту од граѓаните на Македонија.

– Навистина имам впечаток дека некогаш, ако оваа спогодба биде ратификувана, народите на Грција и Македонија ќе сфатат дека тој бил вистинската работа – нагласи републиканскиот сенатор.

Зборувајќи за Косово, Џонсон порача дека „решението мора да дојде од страните во спорот“ и дека САД се тука само да поттикнат и да поддржат решение.

– Сакаме на водачите на двете страни да им дадеме простор да бидат флексибилни и креативни, да најдат решение за овој исклучително тежок проблем – рече сенаторот во интервјуто за „Радио Слободна Европа“.

Претседавачот на Комисијата за внатрешна безбедност во Сенатот на САД се осврна и на руското влијание во регионот.

Тој порачува оти САД би сакале „Русија да биде пријателски ривал, а не соперник“, но и дека за жал Москва во Источна Европа не нуди ништо во контекстот на економскиот просперитет, туку ја дестабилизира ситуацијата.