fbpx

Џихадистите го освојуваат интернетот, може ли некој да ги спречи?

-

Паралелно со вистинските вооружени пресметки во Париз и со антитерористичките акции кои следуваа потоа во Германија, Франција и во Белгија, во кои се убиени и уапсени повеќе екстремисти, на интернет се води жестока воена пропаганда предводена од џихадистите кои ја контролираат територијата на Исламската држава.

Екстремните исламисти кои се борат во Ирак и во Сирија интензивно го користат интернетот, социјалните мрежи и софистицираните интернет-техники за да шират пропаганда, да привлекуваат нови припадници во своите редови, но и за да објавуваат новости поврзани со нивните акции, кои ги дополнуваат со слики и со видеозаписи.

Премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон  во  САД со претседателот Барак Обама меѓу другото разговараше и за безбедноста на интернетот. Во интервју за „ИТВ њуз“ Камерон рекол дека ќе го замоли Обама да го зголеми притисокот на некои веб-страници како „Фејсбук“ и „Твитер“ повеќе да соработуваат со разузнавачките служби во следење на осомничените за тероризам.

Камерон пред неколку дена изјави дека Британските разузнавачки служби треба да имаат легална моќ да пробијат во енкриптираната комуникација на осомничените терористи со цел да се спречат напади како оној во Париз минатата недела. Тој доде дека на терористите мора да им се спречи нивното „безбедно место“ да комуницираат онлајн.

Откако летово почнаа акциите на џихадистите на воените полиња во Ирак и во Сирија, се активираа и низа твитер-профили кои тврдат дека ја претставуваат ИД. Овие профили, кои се ажурираат често, понекогаш пренесуваат и настани во живо со слики и со видеозаписи, даваат детали за нивните операции, го објавуваат бројот на извршените убиства, самоубиствени мисии, како и информации за градовите што ги контролираат. Поголемиот дел од профилите и од хаштазите што ги користат приврзаниците и подржувачите на ИД на „Твитер“ се на арапски јазик. Голем дел од ваквите твитер-профили се суспендирани, односно избришани од администраторите на „Твитер“.

Еден од овие профили е @Fajr991, кој „Твитер“ го има обележано како „потенцијално штетен“, а некои од хаштазите на кои се твита за ИД се #Baghdad_is_liberated (Багдад е ослободен), #Iraq_is_ liberated (Ирак е осолободен) и Исламска држава напишано на арапски јазик. На „Твитер“ постои и профил наречен „пророкот Мухамед“, во чиј опис стои дека Исламската држава останува и се проширува.

Некои џихадисти на ИД ја користат и веб-страницата наречена „Блогот на Исламската држава“ (the-islamic-state.blogspot.com), на која се вели дека не е официјална веб-страница на ИД, но таму се објавуаваат досегашните постигнувања на терористите преку вести, слики, видеоснимки и интервјуа.

Пред неколку дена, по нападот на редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли ебдо“, хакерската група Анонимуси ја објави својата прва победа во нивната намера да ги исклучат екстремистичките веб-страници за да ги одмазадат убиените во Франција. Прва на удар на анонимните хакери беше француската терористичка веб-страница ansar-alhaqq.net, како дел од нивните напори да ја заштитат слободата на говорот. Доколку сега го пребарате името на веб-страницата, интернетот ќе ве пренасочи на пребарувачот DuckDuckGo.

На џихадистичките веб-страници можат да се најдат виртуелни тренинзи и туторијали за изработка на бомби, лансирање проектили, како и упатства за стрелање кон американски војници. Терористичките веб-страници се подлога за ширење пропаганда преку видеозаписи и фотографии, кои помагаат да се придобијат и регругтираат нови членови, како и да се формираат мрежи за придобивање финансиски средства.

Некои џихадистички веб-страници нудат видеоигри, каде и млади корисници можат преку игрите да се стават во улога на таканаречени „свети војници“ и да убиваат американски војници.

„Ал Хајат Медиа“ е веб-страница направена за оние кои не го зборуваат арапскиот јазик и целна група ѝ се повеќе млади гледачи кои сакаат да ги потикнат да им се придружат на военото поле. Оваа веб-страница објавува вести, видеоснимки, фотографии, аудиозаписи, па дури и документарци на повеќе јазици, но најмногу на германски, англиски и на француски. Објавите се со различни формати, некои од нив се кратки, максимум до една минута, па сè до документарци како „Пламени на војната“ кој е долг еден час.

ИД-борците од Финска, Индонезија, Белгија, Англија и од другите земји во видеоинтервјуата зборуваат за тоа колку се среќни што се приклучиле на Исламската држава. Во тие видеозаписи преовладуваат светли бои и ги покажуваат децата кои растат меѓу терористите, како и уличниот живот на борците. Забележливо е дека во овие видеозаписи, жените ретко се присутни. Акцент им се дава на мажите и на децата. Освен тоа, во нив има многу малку докази за киднапирањата, силувањата, уништувањето на џамиите, сечењето глави, камшикувањата, како и за други злосторства кои ги вршат терористите на Исламската држава.
Оваа веб-страница има и свој хаштаг на „Твитер“, наречен #AlHayat_Media_Center.

Кога се работи за сајбер-тероризам, спорно е дефинирањето која страница е терористичка, а која не е. Аналитичари на Пентагон, во сведочења пред Конгресот, рекле дека набљудувале повеќе од 5.000 џихадистички веб-страници, но заклучиле дека помалку од стотина од нив се сметаат за најнепријателски. Некои од нив се само страници на подржувачи, обожаватели, но не и на активни членови, односно терористи.

Најголемата предност што им ја нуди интернетот на терористите е тајноста. Тие користат софистицирани методи на енкрипција и креативни техники што го прават интернетот ефикасно и релативно безбедно средство за комуникација. Тие ја корстат техниката „дед дропинг“ (dead dropping) преку која пишуваат електронски пораки, но не ги испраќаат, туку ги зачувуваат во драфт и секој кој има лозинка од таа електронска адреса може да ги прочита.

Со затворањето на терористичките веб-страници се постигнува само привремено прекинување на активноста на терористите на интернет. За навистина да се спречи една терористичка веб-страница, мора да се запре веб-администраторот, кој ги продуцира и ги објавува овие терористички содржини.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Во Нежилово одржана работилница на која 12 млади изработија стрипови

Во село Нежилово, од 18 до 21 април беше организирана четиридневна едукативна стрип работилница, на која 12 млади таленти од различни градови кои цртаа стрипови. Потоа, заедно со нивниот...