Џезаир Шакири – Хоџа ќе добие надомест за ангажманот, нема постапка за друга функција


       
Скопје, 14 мај, 2018 - 10:47 (META) 

Шаќири ќе добие износ во пропорционален сооднос со траењето на неговиот договор, појасни Миле Бошњаковски, портпарол на Владата на прашањето од „Мета“ дали на Џезаир Шакири, алиас Командант Хоџа, ќе му биде исплатен надомест, односно плата за неговиот ангажман во Владата.

Од Владата пред една седмица потврдија дека поранешниот командант на ОНА  и човекот што важеше за „господар“ на Танушевци, и неколкупати по воениот конфликт во 2001 година даваше милитантни и радикалистички изјави, бил ангажиран како специјален советник на премиерот Зоран Заев како надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот. За тоа беше предвидена плата од 36.000 денари.

Но во петокот првин Заев, а потоа и Шакири, соопштија дека специјалниот советник ќе се повлече од функцијата поради бурните реакции во јавноста.

Од Владата ни одговорија и дека „во моментот не постои постапка за доделување на друга функција“.