!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Џамбаски: Резолуцијата на ЕП е „удар во срцето на белградско-скопската лажна теза“


       
Софија, 16 февруари, 2017 - 18:48 (META) 

Признавањето на бугарското малцинство во Албанија има огромно симболично значење, затоа што е смртоносен удар во срцето на белградско-скопската лажна теза за тоа дека во Република Македонија и во Република Албанија нема Бугари, туку некаква друга измислена нација, констатирана по 1945 годиа. Ова го изјави бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски по повод усвојувањето на резолуцијата за Албанија од страна на Европскиот парламент, во кој Македонците во областите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора се наведуваат како Бугари, пренесува бугарската новинска агенција „Фокус“.

– Тоа е мал чекор, но сепак претставува голем успех за бугарската кауза. Постоењето на бугарска заедница на територијата на денешна Република Албанија е извесно уште од Средниот век. Познато е дека во текот на 1930-те години има подготвен договор за потпишување меѓу Бугарија и Албанија, со кој официјално треба да биде признаено бугарското малцинство, но тоа не се случило поради Втората светска војна – вели Џамбаски.

Тој вели дека во Албанија од време постојат бугарски организации и бугарски културно-образовни друштва.

– Познато е дека само минатата година 2.500 лица (од Албанија н.з.) побарале бугарско државјанство врз основа на своето потекло – вели бугарскиот европратеник.

Тој нагласува дека за изгласањето за резолуцијата било исклучително тешко да се најдат истомисленици кај сите парламентарни групи имало „офанзива“ од одредени групи во ЕП против предлогот.

– Имаше вистинска офанзива, при што во последен момент една од пратеничките групи побара одделно гласање, во кое имаше опасност да отпадне реченицата од резолуцијата „гарантирање на правата и законските интереси на бугарите во Албанија“. Офанзивата беше организирана не од албанската влада, туку од „скопските раце“ во Европскиот парламент – вели Џамбаски.