Џафери: Собранието мора да ја прекине лошата пракса на Иванов да не потпишува закони


       
Скопје, 29 јуни, 2018 - 13:50 (META) 

Доколку не го потпише и законот за ратификација на Договорот со Грција откако и по втор пат ќе биде изгласан со Собранието, претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе воведе лоша пракса на мешање на надлежностите на властите односно преземање на надлежностите кои му припаѓаат на Собранието. Ова го истакна денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифинг со новинари.

– Апелирам до претседателот на државата да размисли во контекст на денешната одлука која што ја соопшти НАТО и во контекст на претстојниот самит на Алијансата во јули. Се надевам ќе разбере што значи овој историски момент за државата, а Собранието ќе ги спроведе своите надлежности. Собранието мора да најде начин да ја прекине оваа лоша практика која што беше и во случај со Законот за јазици. Собранието има надлежност да ја спроведе волјата на избраните пратеници, а сите институции се должни да го спроведат и почитуваат Уставот – потенцираше Џафери.

Тој рече дека ако Иванов не го потпише законот, ќе се употреби исто решение и за Договорот, но и за Законот за употреба на јазиците.

Едно од решенијата е тие да бидат испратени во Службен весник без потпис на претседателот Иванов.

Собранискиот спикер информираше дека најверојатно на 5 или 6 јули ќе се одржи седницата на која повторно ќе се гласа за ратификација на Договорот со Грција и додаде дека до крај на јули Собранието мора да донесе одлука за распишување на референдум.

– Доколку помине референдумот, роковите за уставните измени, доколку се оди по Деловникот, се четири месеци, но сепак тоа зависи од бројот на поднесени амандмани. Ако се почне со процедурата на почеток на октомври, може до Нова година да се заврши со измените на Уставот – вели Џафери.

Во однос на избирање на новите членови на Државната изборна комисија, Џафери рече дека рокот за доставување на предлози за кандидати истекува денеска и дека нивното именување може да биде на редовната седница на 17 јули или порано на вонредна седница доколку собраниската Комисија за избори и именувања излезе со состав на ДИК.