Доколку претседателот Ѓорге Иванов не го потпише законот за употреба на јазиците, тој ќе го прекрши Уставот, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.
– Нема да коментирам што ќе биде ако биде. Членот 75 од Уставот на Република Македонија е јасен и по повторното гласање со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, што е случај со законот, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот за прогласување на законот. Во спротивно ги крши уставните одредби – смета собранискиот спикер.
Претседателот Иванов изјави дека нема да стави потпис на указот за прогласување на законот за јазиците, бидејќи како што додаде, тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот.
-Законот, договорен меѓу СДСМ и ДУИ е неуставен, неприменлив и штетен, без одобрение од граѓаните – смета шефот на државата.
Во однос на можноста опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да го блокира Собранието, Џафери вели дека причината за излегувањето од законодавниот дом не е носењето на законот, туку поради притворените пратеници.
Собранискиот спикер не сакаше да ги коментира најавате за кривична пријава која опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ја поднесе.