Дескоска: Работиме за да изградиме достоинствена професија наставник


       
Скопје, 16 мај, 2018 - 10:01 (META) 

Неопходни се дополнителни образовни реформи со кои би се подобриле професионалните компетенции на наставниците, но тие нема да дадат соодветен ефект доколку државата не ги вклучи и наставниците во процесот на планирање и подготвување на тие реформи.

Ова е дел од заклучоците кои беа истакнати на конференцијата „Образовни реформи: предизвици и перспективи во образованието на наставниците“ што вчера  ја организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во рамките на програмата за одбележување на 25-годишнината од формирањето на Фондацијата.

Домашни и странски професори и претставници на граѓански организации кои работат на проекти од областа на образованието, на конференцијата ги отворија прашањата за квалификуваноста на наставниците во основното образование во Македонија, како еден од условите за квалитетен образовен процес, а дискутираа и за глобалните трендови на ова поле.

На оваа конференција беше презентирано истражувањето „Образованието на наставниците во основното образование во Македонија: Состојби и предизвици“ чии автори се пет универзитетски професори, а го издаде Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска нагласи дека ФООМ е долгогодишен партнер на образовните процеси во Македонија која континуирано дава експертска поддршка и помош.

– Презедовме мерки со кои првична цел ни беше да ги мотивираме наставниците кои работат. Но, истовремено да ги стимулираме средношколците кои завршуваат со најдобар успех да се запишуваат на факултетите кои продуцираат наставници. Но, за да се привлечат најдобрите ученици да станат наставници прво треба да изградите професија наставник како достоинствена професија и ние работиме на тоа. Мерките кои што се предлагаат во спроведеното истражување кое се презентира денеска и проблемите кои се нотирани се драгоцен придонес во процесот на реформирањето. Ве уверувам дека ќе бидат земени предвид во натамошните мерки на Министерството за образование – рече Дескоска на конференцијата.