!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дескоска: Новата влада е посветена на создавање отворени образовни ресурси


       
Љубљана, 20 септември, 2017 - 17:31 (META) 

Македонија треба да вложи големи напори за создавање отворени образовни ресурси (ООР), а тоа е една од заложбите на новата влада, вели за „Мета“ министерката за образование и наука, Рената Дескоска, која учествува на Вториот светски конгрес на отворени образовни ресурси што овие два дена се одржува во Љубљана во организација на УНЕСКО и на Владата на Република Словенија.

Идејата на ООР, вели Дескоска, е да се зголеми трансферот на знаењата, односно да се овозможи проширување на пристапот до учебници и до други форми на едукативни содржини за да се катализира иновативата употреба на содржината и да се поттикне креативноста и создавањето на нови образовни содржини.

– На годинешниот конгрес се истражуваа можностите и решенијата на предизвиците кои се поврзани со популаризирањето на ООР, односно овозможување на што поголема достапност на едукативните содржини. Во таа насока, беа опфатени повеќе теми, како можноста на корисниците да пристапат, да ги употребат и да ги споделат отворените образовни ресурси, прашања поврзани со јазичните и со културните бариери, овозможување пристап до квалитетна содржина, комерцијалните интереси, како и појаснувањето на тоа што сè може да се смета за отворени образовни ресурси – вели Дескоска.

Во Македонија, посочува Дескоска, дел од учебниците чии авторски права ги поседува Министерството за образование и наука се објавени на интернет-страницата на е-учебници и тие се достапни за слободно користење, додека оние учебници чии издавачки права ги поседуваат издавачите, сè уште не се достапни за пошироката публика.

– Од страна на Бирото за развој на образованието се подготвени и јавно достапни недоволен број на материјали кои можат да бидат применувани во наставата – вели Дескоска.