Дескоска ги претстави новите објекти во затворот „Идризово“


       
Скопје, 29 август, 2018 - 17:01 (META) 

Министерката за правда Рената Дескоска и директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ, денеска ги промовираа двата новоизградени објекти во затворот „Идризово“. Тоа се КПУ Идризово – отворено одделение за сместување на 294 осудени лица на површина од 3.800 м2, како и полуотворено одделение за сместување на 252 осудени лица на површина од 4.000 м2.

Новите одделенија се изградени по најсовремени европски стандарди и затворски правила. Ќелиите се за сместување на четири осудени лица, со бања, предвидени се заеднички простории за престој, работилници, фитнес сали, ќелии за лица со посебни потреби, шеталишта и игралишта, соопшти Министерство за правда.

Во отвореното одделение изградени се и гаражи и работилници во кои затворениците ќе работат. Добрите услови и работилниците помагаат за побрза и подобра ресоцијализација на осудените лица.

Министерката за правда Рената Дескоска истакна дека еден од приоритетите на Владата на Република Македонија, претставува и искоренувањето на сите облици на кршење на човековите права, спречување на мачењето и понижувачко постапување и казнување на затворениците.

– Новата Влада на Република Македонија со посетата на премиерот Заев на овој затвор, ги отвори вратите на Идризово за јавноста, која преку новинарите можеа од блиску да ги видат условите во оваа институција. Денеска повторно ги отвараме вратите на новоизградениот дел на Казнено поправниот дом Идризово во кој можете да видите поинаква слика, слика која ветува значително подобрени услови за сместување на лицата кои издржуваат казна затвор овде – истакна министерката Дескоска.

Во Идризово се сместени повеќе од 3/5 од затворениците во целата земја.

Покрај изградбата на новите одделенија во КПУ Идризово, изградена е пречистителна станица за отпадни води, извршена е реконструкција на постоен објект кој се адаптираше во Тренинг центар за одржување на обуки и проверка на знаењата на вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Македонија, реконструирана е административната зграда, а набавена е и современа опрема за негово функционирање, односно набавена е информатичка опрема, опрема за симултан превод, кујна и мебел за сите простории во објектот.

Дескоска најави дека наскоро ќе биде пуштен во процедура и Законот за извршување на санкциите.

Проектот за изградба и реконструкција на казнено поправните и воспитно поправните установи во Република Македонија се реализира преку Министерство за правда – Управа за извршување на санкции со заем од Банката за развој на Совет на Европа (ЦЕБ), во износ од 46 милиони евра.

Директорот на управата за санкции Јовица Стојановиќ одговарајќи на новинарски прашања појасни дека со грант на Европската Комисија од затворот „Скопје“  во скопската населба Шуто Оризари во затворот Идризово ќе биде префрлена судницата. Причината е големиот број осудени лица кои се наоѓаат во најголемиот затвор во Македонија.

Со истиот грант, додаде тој, завршена е постапката за комплетна реконструкција во затворот во Битола, во кој  во мај-јуни беше затворен притворскиот дел што не ги исполнува условите.

Стојановиќ најави и воведување на пробацијата во сите затвори во Македонија,  проект што треба да почне од 3 септември.