Густ сив чад се назира во далечина, од правецот на дивата населба под Кале, каде се упатуваме со екипата на Градскиот инспекторат. Тоа е локацијата од каде зимава во повеќе наврати се гледаше како нешто гори, а смрдеата на изгорена гума и пластика потоа се ширеше по течението на Вардар. Во студени денови и во услови на магла, миризбата на изгорен отпад стана дел од амбиентот на мачното секојдневие на скопјани.

Додека се трускаме по нерамниот пат во лада нивата на тимот на градската инспекција, составен од комунален инспектор и комунален редар, тие ни објаснуваат како постапуваат на терен кога ги вршат редовните обиколки на бројните црни точки по градската периферија, во потрага по запалени огнови. „Одиме на терен и по пријави на граѓани на телефонот 193, а ова е едно од местата за кое почесто се пријавува дека нешто чади“, вели инспекторот Ацо Петрушев, кој додава дека честопати чадот потекнува од огништата во прикрпените трошни куќарки на Ромите, кои со години живеат во оваа дива населба, но инспекторите немаат право да интервенираат во таков случај иако се свесни дека во импровизираните печки се гори разновиден отпад, пластика, гума.

7.
Кабли од кои се вади бакар илегално се палат под Кале спроти Луна паркот, на брегот на Вардар

Затекнати на дело

Забележани сме оддалеку, нè пречекуваат и веднаш нè опкружуваат повеќемина жители на дивата населба, главно мажи. Има и деца од школска возраст, но ниту едно не оди на училиште, велат. „Еве, предмалку си заминаа тие што палат, како не дојдовте порано за да видите дека горат кабли за бакар и тоа веднаш до нашите куќи, децата ни ги отруја!“, им се обраќа на инспекторите Ќамуран, млад маж со негувана брадичка, светкава обетка и со смартфон кој ѕирка од џебот на тренерката. „Ние селектираме хартија и од тоа живееме, заработувачката е мала, по еден денар од килограм ама мора од нешто да се живее“, вели тој. На местото каде до пред десетина минути нешто гореше, сега се гледа свежо изгаснато огниште.

Палењето кабли за да се дојде до бакарната жица, која е прекриена со пластика е еден од највносните бизниси во дивото селектирање на отпадот кое се одвива во градот. Кога ќе се запалат, овие кабли бргу горат, но произведуваат густ, темносив и тежок чад, исклучително токсичен и животнозагрозувачки доколку директно се вдишува. Еден килограм така добиен бакар на црниот пазар чини помеѓу 200 и 300 денари, а една тајфа диви „рециклатори“ на каблите можат на тој начин да заработат и до 2-3000 денари на ден. Се разбира, до каблите најчесто се доаѓа по нелегален пат, преку кражби, што е работа за полицијата.

„Аа, ма каква полиција, па биле тука стопати полицајци, и ќе ги фатат на дело и само ќе им кажат-зимај бакарот и да те нема“, одмавнува со раката еден од младите на моето прашање зошто не викнат полиција ако навистина некој друг доаѓа и го пали отпадот кај нив. „Ги знаеме ние, тоа се тие од „Ранка Милановиќ“ (еден од објектите за сместување на ромски семејства од дивите населби, н.з.), доаѓаат со шипки, сакаат да се тепаат, ни прават проблеми“…

deca-od-deponija-vardarishteДодека трае муабетот, зад нас, на 50тина метри се паркира едно комбе со гостиварски таблички. „Еве ги, сега ќе пробаме да ги изненадиме, влезете во кола“, дискретно ни се обрати инспектор Аце. Се поздравуваме набрзинка со соговорниците и продолжуваме по патот што води покрај Вардар, во насока на Момин Поток. Забрзуваме за да го свртиме кругот по булевар Никола Карев и да му дојдеме на комбето од зад грб. Од височинката под Амбасадата на САД веќе може да се види карактеристичниот сив чад долу покрај реката. Палачите на кабли ги изненадуваме среде „бизнисот“. Купот се уште не изгорел, но бакарот, усвитен, убаво се гледа. Смрдеата од палењето е леплива, а дишењето речиси невозможно. Истовремено, од спротивната страна на Вардар, на кејот, се гледаат луѓе како вежбаат на справите за рекреација, се разминуваат велосипедисти.

deca-od-deponija-vardarishte1Посебен круг на пеколот

Најизненаден, се чини е токму Ќамуран, дечкото со обетката, кој нè убедуваше дека некој друг му пали отпад пред куќа и му ги труе децата. Посрамено се трга настрана и молчи. Жената која ја затекнавме крај запалените кабли, тргнува во офанзива. Вика по инспекторот и му се заканува, обидувајќи да ги зграпчи полуизгорените кабли, за да го спаси бакарот. „Тргни ми се, ќе те удрам!“, се заканува. „Што си мислиш, кој си ти?“. Пропаѓа обидот да биде легитимирана и таа и човекот со брада, кој и е, очигледно, соучесник. „Немаме лични карти, бегај од тука!“. „Во вакви случаи ја повикуваме полицијата да интервенира“, вели инспекторот. „Алфите“ ги сретнавме на враќање. Нè застануваат за да им објасниме што се случило. Им довикнуваме да побрзаат оти ќе ги затекнат сторителите, а ние се упатуваме кон некогашната градска депонија Вардариште.

4.
Светкавата обетка и мобилниот телефон во контраст со смрдеата: Ќамуран раководи со откупот на опадната хартија и вели дека не знае ништо за палењето кабли

Ромската населба на работ на Вардариште се чини дека е неколку круга од пеколот подолу од очајната состојба во која живеат луѓето под Кале. Трошни, прикрпени куќарки и многу кал, помешан со отпад, не дочекуваат уште веднаш. Облеката на луѓето е изветвена, децата полуголи, со искинати обувки. Во населбата, сместена во близина на некогашна А1 ТВ има диво приклучени на струја, а пред неколку куќи се гледаат цевки од кои тече вода. Сепак, доминираат трошни импровизации од живеалишта, за кои зборот субстандард е грдо потценување на реалноста. Буричкањето по отпадот среде кој живеат понекогаш резултира со пластика или метал кој можат да го продадат. Остатокот што не им треба се гори. Доминира миризбата на изгорена пластика, но и друг отпад. Знаат ли дека тој чад ги труе и нив и децата, ги прашувам. Знаеме ама на што да се грееме? Треба да преживееме!, велат.

„Ма, какво одење на училиште, ние немаме леб да се прехраниме“, гневно ми одговара еден средовечен маж кој се претставува како Зенун Чаколи и ми бара помош за своите пет деца, од кои едното е многу болно. Немоќно прашувам зошто не го однесат на лекар или да викнат Брза помош штом е толку лошо. Во накривената куќарка, на подот седат три дечиња на возраст од околу 5-6 години и гледаат телевизија. Во голема тава има остатоци од леб. Им оставам неколку чоколатца и кекс и посрамено заминувам.

8.
Изненадени и лути: Луѓето од комбето ги затекнавме на лице место и среде палење кабли

Темната зона на градот

Некогашната депонија најпрвин била оградена со жица, но од оградата сега нема ниту трага, па буквално секој може да влезе и да се движи низ огромниот простор на никогаш неревитализираното и непокриено градско ѓубриште. Тоа и денес се користи за диво депонирање на секаков отпад, но, впечаток е дека државата нема речиси никаков увид во тоа што всушност се случува таму, и покрај редовните патроли на инспекциите. Едноставно, просторот е темната зона на предградието на Скопје.

Инспекторите се поздравуваат со жителите на оваа населба, се познаваат со години. „Ја знам секоја педа од Вардариште и луѓето таму, бидејќи и самиот живеам во негова близина“, вели Аце. Неодамна, во соработка со општина Гази Баба, токму на Вардариште беше запленето поголемо количество на отпадни гуми, кои се горат, исто така за бакарни жици, но, вели, во нив го има малку, не им се исплаќа трудот. Често се работи за зависници, кои на секаков начин се обидуваат да дојдат до некој денар. Тогаш отпадот се гори и под железничкиот мост, подалеку од можни сведоци.

18.
Животот тече понатаму: Чисти алишта прострени веднаш до смрдеата и чадот од запалениот отпад

Гумите, но и другиот отпад, кој не можат да го продадат, главно ги горат за да се згреат. „Еве, тука, на оној рид од чакал имавме ноќна заседа“, ни покажува инспекторот, но ризикот дека ќе ни биде искршено возилото е голем, додава. Патролирањето го заокружуваме покрај Вардар, чијшто брег, се чини, релативно скоро бил исчистен од смет и сега е, главно без диви депонии, со исклучок на еден поголем куп отпадна пластика, за кој инспекторите ни кажаа дека веќе, очигледно, поминала низ преса за преработка, но од некои причини непознат сторител ја истоварил токму на тоа место. Речиси на дофат се чинат зградите од Ново Лисиче во кои се палат првите светла, раздалечени едвај 400-500 метри, но како од сосема поинаков свет.

Автор: Југослава Дуковска

Фото: „Колектиф.мк“