Денеска пресуда во „Триста“ за Ѓоко Поповски


       
Скопје, 22 мај, 2018 - 10:08 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да биде прочитана пресудата за предметот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски. Тој се товари за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила за МВР.

Поповски пред Судот на минатото рочиште кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, а се пожали и дека добил отказ од МВР во сомнителна дисциплинска постапка.

Тој е е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Нови судски рочишта во Кривичниот суд денеска треба да се одржат за уште три други предмети на „Тарифа“, „Титаник 2“ и „Труст“.

Во „Титаник 2“, им се суди на на претседателот на ДПА, Мендух Тачи и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Се товарат за договарање на одлуки по приговорите до  во Државната изборна комисија (ДИК), во 2013 година, за заедно со нив се обвинети поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Во „Тарифа“, за злоупотреба на службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“ за ЕЛЕМ и нанесување штета на компанијата од четири милиони евра, обвинети се Дејан Бошковски, поранешен генерален директор на АД ЕЛЕМ, Методи Стојменовски и Ненад Ѓорѓевски.

Во предметот на СЈО наречен „Труст”, обвинети се бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица за договарање учество на тендер на ЕЛЕМ. Според обвинителите на СЈО, обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и фирмите „Трансмет”, „Силекс неметали” и „Вато” злоупотребиле приближно 1,06 милијарди енари, односно 17 милиони евра, пари на граѓаните.