!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Денеска ќе се одржи протест против загадувањето


       
Скопје, 5 декември, 2016 - 9:10 (META) 

Денеска, во 17 часот, пред бараките на администрацијата на Град Скопје, неколку еколошки организации ќе организираат протест на кој ќе го истакнат револтот од енормното загадување на воздухот.

Во најавата за протестот се вели дека според Светска банка, имаме најголемо аерозагадување од канцерогени ПМ-2,5 честички во Европа со годишен просек од 39,4 микрограми на еден кубен метар.

– Според Светска банка, во просек четворица Македонци дневно, односно 1.350 годишно умираат поради загадениот воздух. Според Институтот за јавно здравје, во 2015 година, секое второ дете имало респираторни здравствени проблеми. Според Светската здравствена организација, загадениот воздух има влијание врз репродуктивниот систем кај жените и носи ризици за дефекти при раѓање, смрт на новороденчиња, ризик од канцер. Кај возрасните граѓани (над 60 години), загадениот воздух предизвикува мозочни оштетувања и „тивок“ мозочен удар што може да предизвика вистински мозочен удар, деменција, депресија и други негативни здравствени ефекти – се вели во повикот за протест на социјалните мрежи.

Протестот го организираат еколошките граѓански иницијативи „Скопје смог аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Ајде Македонија“, „Сакаме Аеродром да дише“, „Но пасаран“ и „Во одбрана на Дебар-маало“.